• вторник, 24 декември 2024

Царовска уверува оти се безбедни условите учениците да се вратат во училиште, дел од родителите бараат онлајн настава

Царовска уверува оти се безбедни условите учениците да се вратат во училиште, дел од родителите бараат онлајн настава
Скопје, 27 август 2021 (МИА) – На помалку од една седмица до почетокот на новата учебна година, министерката за образование и наука Мила Царовска уверува дека според искуствата од минатата учебна година, безбедни се условите за учениците да ја започнат учебната година во училишните клупи. Дел од родителите, сепак, се уште не се согласуваат со одлуката донесена од Владата и Министерството за образование и наука, наставата да се спроведе со физичко присуство. – Сите ја следат епидемиолошката состојба на локално ниво и сите сме тука, заедно да гледаме која е опцијата да почнеме сите истовремено под еднакви услови. Секако, секој има право да го каже своето мислење, јас го почитувам тоа. Ние се водиме од меѓународните и од нашите, домашни искуства од минатата година и од препораките на Комисијата за заразни болести. Она кое е утврдено на владина седница уште во јуни е дека Министерството треба да се подготвува за три сценарија: едното е целосно физичко присуство, другото е хибриден модел и последното-сите со онлајн настава. Неодамна, пред три владини седници, сите заедно, по препорака на Главниот координативен штаб, донесовме одлука учебната година да почне на 1 септември и да стартува со физичко присуство за сите ученици во сите училишта. Тоа го подготвуваме и за тоа се подготовките, изјави министерката. Согласно одлуката на Владата, наставата треба да започне со физичко присуство за сите ученици. Исклучок се учениците кои имаат хронична болест и оние кои имаат член од семејството со хронично заболување. Од физичко присуство во училиште може да биде ослободен и ученик кој поднел барање од немедицински причини, но за тоа ќе одлучува училиштето и советот на родители. -Од физичко присуство согласно протоколите и одлуката на Владата можат да бидат изземени сите ученици кои имаат хронична болест и оние кои имаат родители или членови на семејството со хронична болест. Исто така, може и од немедицински цели за коишто училиштето и советот на родители можат да донесат одлука за учениците кои имаат поднесено барање, појасни Царовска. Во меѓувреме, градоначалничка на Тетово, Теута Арифи на вчерашната прес-конференција побара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е поради високите бројки на заболени од Ковид во Тетово, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести, чија одлука се очекува да биде донесена денеска. - Ние како штаб за Тетово ќе ги контролираме дали имаат барем една доза вакцина вработените. Тие што не се вакцинирани во училишта ќе бидат обврзани секои 72 часа да донесат доказ за негативен тест и да продолжат да работат. Мислам дека мора да повикуваме на вакцинација и малку да наложиме. Ние како локални авторитети ќе го спроведеме, поради здравјето на сите. Свесни сме дека некој поради здравствени причини не може да прими вакцина, ама тоа може да се аргументира пред училиштето. Како што се прави тестирање за шетање, така и за школо ќе се прави, изјави Арифи. Ана Глигорова од Движењето за поддршка за онлајн наставата на вчерашната прес-конференција пред Владата истакна дека во една училница од 36 метри квадратни, 30 или 32 деца кога ќе влезат, нема да имаат простор меѓу себе. - За едно дете е потребно 13 метри квадратни за да биде колку толку заштитено. Две деца и еден професор или наставник во училница, тоа е максимумот, изјави Глигорова пред Владата, додавајќи оти ќе бараат да се промени одлуката на Владата во Службен весник. Министерката Царовска пак објасни дека според протоколите, прозорците во училниците треба постојано да бидат отворени, како што се практикуваше и минатата учебна година кога како што посочи таа, според податоците на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство немаше трансмисија на вирусот во училиштата. Таа додаде дека училиштата во најголем дел се реконструирани и располагаат со потребните ресурси. Според последните податоци на Министерството за здравство, 69 проценти од наставниот и другиот помошен кадар во училиштата е вакциниран што според министерката Царовска е добро за почеток на учебната година со физичко присуство. – Во образовниот систем, вакцинирани се 69 проценти од наставен, ненаставен кадар, технички помошен кадар, што е двапати повеќе од националниот просек. Исто така, имаме општини и училишта каде процентот на вакцинација на наставниците и другиот технички кадар е над 90 отсто. Што укажува дека одговорноста и свесноста кај наставниците е на многу високо ниво и така и треба да продолжи, објаснува Царовска. Доколку Комисијата за заразни болести во даден момент процени дека треба да се примени друго сценарио, Царовска посочи дека тогаш ќе се донесе нова одлука во интерес на учениците. Владата, на 17-ти овој месец, по мислење дадено од Главниот координативен кризен штаб, одлучи учебната година од септември да почне со физичко присуство во основните и средните училишта, а наставата да се одвива под здравствени протоколи. ки/нд/

Остани поврзан