• среда, 27 ноември 2024

Царовска: СДСМ е тим од луѓе, посветени, чесни и искрени кои што им служат на граѓаните

Царовска: СДСМ е тим од луѓе, посветени, чесни и искрени кои што им служат на граѓаните
Битола, 23 јули 2021 (МИА) - Да се биде дел од најдоброто значи да се биде дел од тим на луѓе кои што се посветени и чесни, искрени луѓе кои што ги слушаат оние на кои што треба да им служат, а тоа се граѓаните, истакна на вечерашната трибина во Битола, потпретседателката на СДСМ и министерка за образование и наука Мила Царовска. Царовска нагласи дека СДСМ се разликува од другите политички партии затоа што поставува амбициозни цели и истите ги реализира. - Сите ние како политичари имаме една обврска, а тоа е обрската да служиме. Секој ден да служиме подобро, и токму затоа СДСМ се разликува од сите останати. Ние во сите сектори што се од суштинско значење за граѓаните направивме драстични промени. Ние се грижиме за нашите сограѓани, ги слушавме и си поставивме амбициозни цели. Ние одиме со брз чекор заради тоа што претходно 12 години ништо не беше поместено, напротив уназадено. Ветувам дека во интерес на децата и во интерес на државата, новиот концепт на образование ќе почне од месец септември за учениците од прво и четврто одделение. Тој концепт ќе ги покаже резултатите и зад тој концепт сите ќе застанеме, но и тие ќе застанат затоа што децата ќе бидат задоволни, затоа што програмите се усогласени со новото време и ќе им го потврдат потенцијалот. Ние како СДСМ знаеме дека колку и да се непопуларни тие мерки во овој момент, сепак ќе продолжиме да ги работиме затоа што знаеме дека многу брзо ќе станат популарни и ќе бидат продуктивни и здрави политики кои обезбедуваат ефекти за подобар квалитет и живот во нашата држава, посочи Царовска. На трибината „Најдоброто за нашата општина“, потпретседателот на СДСМ и министер задолжен за економски прашања во македонската Влада Фатмир Бетиќи најави две нови инвестиции во Битола. - За четири години покажавме што значи да се работи одговорно и отчетно во интерес на граѓаните, за четири години направивме сериозна позитивна трансформација на секој сегмент од општеството. Ние денеска преговараме за отворање на дополнителни нови 1.250 работни места во Битола и сме пред потпишување на Договор за инвестиција од веќе постоечка фабрика. Во преговори сме и за втора инвестиција, американска компанија, која ќе отвори 350 нови работни места. Зборуваме дека најдоцна до крајот на годината за две нови инвестиции во индустриската зона „Жабени“, со 1.600 нови вработувања. Така се сака татковината, не со зборови туку со работа. Нам не ни требаат ниту реклами ниту потплатени медиуми, ни требате вие затоа што вашиот глас вашето задоволство е тоа што не води напред, заклучи Битиќи на трибината во Битола. Пратеничката од Битола во македонското Собрание Бисера Костадиновска Стојчевска ги нагласи успешните проекти и реализирани ветувања и ја најави изградбата на автопатот Битола-Прилеп. - Пред само десет дена во Собранието го изгласавме законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и коридор 10 односно делницата на автопатот Прилеп – Битола, истакна Костадиновска, додавајќи дека со ова се остварува уште едно ветување. И сето ова во и многу повеќе сработивме во време на пандемија, во време на здравствена и економска криза, нагласи Костадинова, додавајќи дека и во вакви услови ВМРО ДПМНЕ знаеше само да кочи и блокира, да одмага и да не гласа. Секогаш кога пратениците од ВМРО ДПМНЕ нема да дојдат да си ја заработат платата и да гласаат помош за граѓаните, јас ќе сум таму! Ќе гласам! Вие сте на прво место! Затоа сме избрани- да работиме за вас! Јас сум народен пратеник и таква планирам да останам! Ние сме власт на која граѓаните им се на прво место! И ако треба да одговарам, преферирам да одговарам за гласањето за петтиот пакет мерки отколку за украдени пари и наместени тендери, порача Костадиновска. На вечерашната трибина „Најдоброто за нашата општина“, градоначалничката Наташа Петровска потсети дека мандатот го почна со наследен долг од 12 милиони евра, но денес е горда затоа што предводи успешна и транспарентна општина. - После четири години им гледам на Битолчани во очи, бидејќи работевме чесно, домаќински и одговорно, имаме со што да се пофалиме и со што да се гордееме. Општината пред четири години ја наследивме со долг од 12 милиони евра од кои, 4,3 милиони за образовните институции, но и покрај тоа од самиот почеток не само што исплаќавме, туку и градевме. Колку и да се обидуваат да го занемарат ова не можат, рече Петровска, и нагласи дека со 600.000 евра се поддржани спортистите и значителни се инвестициите во спортската инфраструктура. Меѓу капиталните проекти, градоначалничката на Битола ја издвои реконструкцијата на Офицерскиот дом, како гордост на градот, како и киното Манаки. Општина Битола, како единствена општина во државата во време на пандемија издвои 100.000 евра за здравствените институции, истакна Петровска. Пари има за сите инфраструктурни проекти, бидејќи тие не завршуваат на приватни сметки, а Битола е на врвот меѓу најтранспарентните институции во државата и така ќе продолжиме, порача градоначалничката на Битола Наташа Петровска на граѓанската трибина на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“. мт/нд/

Остани поврзан