• сабота, 23 ноември 2024

Царовска: Мора да го подобриме образованието за децата да не бидат функционално неписмени

Царовска: Мора да го подобриме образованието за децата да не бидат функционално неписмени
Скопје, 5 мај 2021 (МИА) - Совршен систем не постои никаде во светот, ни во нашата држава. Ни денес не е совршено образованието и нема да биде во догледно време, но првиот чекор на подобрување мора да го направиме затоа што сите истражувања покажуваат дека нашите деца остануваат функционално неписмени. Согледани се сите проблеми и се оди чекор по чекор, истакна министерката за образование Мила Царовска во емисијата „10 минути“ на ТВ21. Таа нагласи дека во процесот на осовременување на образовниот систем мора да се вложува и да се инвестира. Царовска потенцираше дека целата дебата околу дигиталните учебници се пробува да се измести од нејзиниот колосек. - Дигиталниот учебник не нужно значи пристап до интернет. Тој е поставен на одреден електронски уред и ученикот во својот дом ќе може да го користи. Ученици кои ќе добијат таблети ќе може да ги користат во домашни услови без разлика на пристапот до интернет. Но, да не заборавиме дека имаме и една група на ученици кои немаат пристап ни до електрична енергија во своите домови, а оваа година ни се покажа дека такви се дури 1300 и за нив оваа година, иако сме целосно онлајн над трето одделение, обезбедивме целосно учење во училиште. Исто така на овие ученици кои немаат пристап до електрична енергија ќе им обезбедиме пристап и до дигитален уред во училиштето, но од друга страна и опција печатен учебник кој ќе го добијат од училиштето, посочи министерката за образование. Околу тоа, како ќе се одредува на кои ученици им е потребен електронски уред Царовска рече дека во оваа држава има систем и училишта кои имаат административни служби и секој родител остава информации при влез и упис на ученикот. - Дополнително секое досие има социјална слика која што укажува на тоа дали ученикот има или нема потреба. Секое училиште ги следи семејствата и знае, но значајно е сепак и да го постави прашањето, на крајот тие заедно со целиот тим ќе си определат и кажат ова е процентот на електронски уреди кои се потребни за да понатаму може ученикот да ја следи наставата, а родителите немаат можност истото да му го обезбедат, истакна Царовска. см/сп/

Остани поврзан