• вторник, 12 ноември 2024

Хјуман рајтс воч: Украинските власти да ги истражат можните „воени злосторства“ врз руски затвореници

Хјуман рајтс воч: Украинските власти да ги истражат можните „воени злосторства“ врз руски затвореници
Њујорк, 1 април 2022 (МИА) - „Хјуман рајтс воч“ ги повика украинските власти да ги истражат можните „воени злосторства“ извршени врз руски затвореници по објавувањето на снимките на кои се гледа дека украински војници им пукаат во нозете. На видеото објавено на 27 март се гледа како тројца мажи во воени униформи се исфрлени од комбе со врзани раце зад грб, а потоа други вооружени мажи им пукаат во нозете. Автентичноста на снимката не можеше да се потврди од независен извор, но некои медиуми сметаат дека станува збор за снимка од селото Мала Рохан, во областа Харков на североисток, која Украинците успеаја да ја вратат со офанзива претходно оваа недела. „Доколку се потврди точноста на снимката, претепувањето и пукањето на заробениците во нозе тоа е воено злосторство. Украина мора да покаже дека е способна и сака да спречи сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и да ги казни доколку се направени“, се наведува во соопштението на „Хјуман рајтс воч“. Советникот на претседателот на Украина, Олексиј Арестович, на Телеграм призна дека злоставувањето на заробениците е „воено злосторство“ и најави дека таквите злосторства „ќе бидат казнети“. „Ние ги третираме затворениците во согласност со Женевската конвенција, без оглед на личните емотивни мотиви“, рече тој во обраќањето до војниците. Александар Бастрикин, директор на Рускиот истражен комитет, тело задолжено за истраги за големи криминални дела, нареди истрага за наводните злосторства. паг/      

Остани поврзан