• вторник, 10 март 2026

Хјуман рајтс воч: Повеќе од 1.200 луѓе загинале во напади со дронови на хаитските безбедносни сили

Хјуман рајтс воч: Повеќе од 1.200 луѓе загинале во напади со дронови на хаитските безбедносни сили

Њујорк, 10 март 2026 (МИА - Нападите со дронови на хаитските безбедносни сили насочени кон банди усмртиле повеќе од 1.200 луѓе, меѓу кои 43 возрасни цивили и 17 деца, соопшти во нов извештај организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч (HRW).

Директорката за Америка во HRW, Хуанита Гобертус, изјави дека организацијата документирала незаконска употреба на смртоносна сила.

Таа додаде дека меѓународните партнери на Хаити треба да ја прекинат соработката со безбедносните сили додека не се воведат мерки за заштита на цивилите.

- Хаитските власти итно треба да ги стават под контрола безбедносните сили и приватните изведувачи што работат за нив, пред да загинат уште деца - изјави Гобертус.

И покрај поддршката од САД, Обединетите нации и Кенија, вооружените банди се проширија далеку надвор од главниот град, а безбедносните сили сè уште не уапсиле ниту еден од главните лидери на бандите.

Бандите убија илјадници луѓе, раселија уште околу еден милион жители и сериозно ја нарушија економијата на земјата.

Врз основа на интервјуа со лекари, роднини на жртвите, лидери на заедници и видео-снимки од нападите, HRW утврдила дека во нападите со дронови биле убиени 1.243 лица во периодот од минатиот март до јануари годинава.

Во нападите се повредени и 738 лица, меѓу кои 49 цивили.

Организацијата наведува дека од ноември до јануари бројот на операции со дронови бил речиси двојно поголем во споредба со претходните три месеци.

Повеќе од половина од децата-жртви биле на возраст од три до 12 години и загинале во септември минатата година во напад врз спортски центар каде локална банда делела подароци.

Канцеларијата на ОН во Хаити исто така забележала десетици случаи на загинати и повредени цивили од напади со дронови, меѓу кои мајка на три деца која била убиена додека продавала стока на улица.

Во друг случај, жена била убиена во својот дом каде што двајца членови на банда се криеле од дрон.

Од минатиот март хаитските безбедносни сили, со поддршка на компанијата Вектус глобал, спроведуваат операции против бандите со квадрокоптер-дронови опремени со експлозив, често во густо населени делови на главниот град Порт-о-Пренс. ссм/мс/

фото: архива

Остани поврзан