• четврток, 07 ноември 2024

Хуманитарна помош од Црвениот крст за настарадното население од пожарите во Свети Николе и Македонски Брод

Хуманитарна помош од Црвениот крст за настарадното население од пожарите во Свети Николе и Македонски Брод

Скопје, 5 август 2024 (МИА) - Црвениот крст на Република Северна Македонија денеска ќе достави хуманитарна помош - храна, средства за хигиена, душеци, ќебиња и вода за потребите на настраданото население зафатено од пожарите во земјава, за 40 семејства од неколку села во Свети Николе и девет семејства од село Брезница, општина Македонски Брод. 

Хуманитарната помош, како што информира Црвениот крст, ќе се достави врз основа на направена проценка од општинските организации на Црвениот крст Свети Николе и Македонски Брод, во соработка со општините и институциите на кризниот менаџмент. 

Посочуваат дека ја следат состојбата со пожарите и додаваат оти се подготвени во наредниот период итно да интервенираат и да ги покријат потребите на настраданото население. Упатуваат благодарност за досегашната поддршка на компаниите кои досега се вклучија во хуманитарната акција за помош за справување со последиците од пожарите.

Црвениот крст отвори СОС телефонски линии за психолошка прва помош за настраданото население од пожарите. Тоа се обезбедува од оспособени волонтери од Црвениот крст.  Секое лице погодено под пожарите, како што наведуваат, може да поставува прашања и да добива совети и одговори за справување со ситуацијата. 

Отворени телефонски линии за прва психолошка помош се: Скопски регион 072/271 -048, Пелагониски регион 047/ 236-019, Југозападен и Полошки регион 072/239-051 и 072/239-077, Источен, североисточен и југоисточен регион 071/223-691 и Вардарски регион 043/231 - 537. 

Сите заинтересирани правни субјекти и грѓани можат да донираат парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст и 100 денари со повик на 143-400. мд/дма/

Фото: МИА архива 

 

 

 

 

Остани поврзан