• сабота, 23 ноември 2024

Хуманитарен настан за набавка на скалишно помагало за ученици во Кочани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Хуманитарен настан за набавка на скалишно помагало за ученици во Кочани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Кочани, 1 декември 2023 (МИА) – Под мотото „Без бариери“, Општина Кочани денеска организираше хуманитарен настан со кој го одбележа е Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Во музичко-спортските содржини на настанот учествуваа ученици од основните и средните училишта од општината, а во донаторскиот дел се собираа средства за обезбедување скалишно помагало за лицата со телесна попреченост во СОУ „Гошо Викентиев“.

- Во општината имаме над 530 граѓани кои примаат надоместок за лица со попреченост, а 143 од нив се на возраст до 26 години, поради што им е потребна нашата поддршка, а кај нас има луѓе кои се подготвени да помогнат. И покрај сите наши напори, сè уште има многу бариери што треба да се тргнат, пред сè во институциите, училиштата и установите, но и на сообраќајниците. Со овој настан сакаме на учениците во средното училиште да им обезбедиме нормален пристап до сите простории, за да можат да ја следат наставата со физичко присуство, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Наставната програма во стручното средно училиште „Гошо Викентиев“ се изведува во кабинети што се на различни катови, поради што еден ученик со комбинирана попреченост по скалите се качува со помош на асистент, додека друг следи он-лајн настава. Со набавката на скалишно помагало ќе им се обезбеди поголема самостојност, но и безбедност и сигурност во движењето во внатрешноста на училиштето.

Градоначалникот Папазов нагласи дека Општината ќе продолжи да обезбедува помош и поддршка за лицата со попреченост во нивните домови, ќе го помага лекувањето на лицата со тешки болести, а ќе ги покрива и трошоците за јавен превоз на пациенти на кои им се потребни третмани во други градови. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан