• вторник, 24 декември 2024

ХРВ бара казна за функционери од Сирија и Русија поради напади врз цивили во Сирија

ХРВ бара казна за функционери од Сирија и Русија поради напади врз цивили во Сирија
Бејрут, 15 октомври 2020 (МИА) – Нападите врз цивилни цели за време на сириско-руската офанзива во регионот Идлиб може да претставуваат злосторства против човештвото, соопшти денеска Хјуман рајтс воч (ХРВ) и побара меѓународни санкции против највисоките команданти на воените операции во Сирија и Русија. Во извештајот на 167 страници „На мета животот во Идлиб“, невладината организација документирала 46 воздушни и копнени напади врз цивилни објекти во овој регион во северозападна Сирија. Овие напади се „слични на воени злосторства и може да претставуваат злосторства против човештвото“, наведува ХРВ. Нападите ги извршила сириската армија со руски сојузник меѓу април 2019 и март 2020 година, кога загинале најмалку 224 цивили, додава невладината организација со седиште во Њујорк, прецизирајќи дека тоа е дел од нападот врз цивилното население во тој период. - Нападите на сириско-рускиот сојуз врз болници, училишта и пазари во Идлиб сведочат за немилосрдното занемарување на животите на цивилите, изјави директорот на ХРВ, Кенет Рот. Тој оцени дека „овие нелегални напади се дел од воената стратегија чија цел е уништување на цивилната инфраструктура и протерување на населението со цел на сириската влада да ѝ се олесни да ја врати контролата“. Воената операција во Идлиб, последното упориште кое не е заземено од страна на силите на Башар ал-Асад, принуди третина од трите милиони жители да го напуштат регионот. јт/

Остани поврзан