• вторник, 26 ноември 2024

Хрватски министер за одбрана: Во Пула нема да се основа никаква француска воена база

Хрватски министер за одбрана: Во Пула нема да се основа никаква француска воена база

Загреб, 18 септември 2024 (МИА) - Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ му претстави на градоначалникот на Пула Филип Зоричиќ можен план за основање центар за обука на пилоти на авиони со ниско ниво на бучава, а не на воените авиони Рафал. Анушиќ истакна дека во градот нема да се основа воена база.

- Во Пула нема да има распоредување на Рафали, бидејќи обуката на пилоти се врши на школски авиони, во овој случај, тоа би бил Пилатус ПЦ-21, објасни Анушиќ. Тој додаде дека Пилатус ПЦ-21 е потивок од патничките авиони, а неговата бучава е занемарлива.

- Во Пула, доколку се потпише договор и се реализира овој проект, нема да се случува ништо инвазивно. Нема да се основа француска воена база, и граѓаните на Пула, како туристички град, немаат причина за страв од бучава или слично, изјави Анушиќ.

Градоначалникот Зоричиќ го истакна задоволството од средбата и посочи дека добил гаранции од Анушиќ дека нема да има воена база, ниту летови на авиони Рафал над градот.

Министерството за одбрана на Хрватска објави дека се планира центарот за обука на пилоти да се реализира со француската компанија ДЦИ, која нуди обука на пилоти во соработка со француските вооружени сили. Обуката на Пилатус ПЦ-21 ќе овозможи премин на повеќе типови борбени авиони, како Рафал, Ф-16 и Еурофајтер, што ќе им овозможи на пилотите од сојузничките земји да се обучуваат во овој центар.

Засега не е дефиниран точниот датум за отворање на центарот, бидејќи преговорите за договорот сè уште се во тек. ссм/

фото: архива

Остани поврзан