• вторник, 24 декември 2024

Хоџа: Од исклучително значење е да имаме пазари за земјоделски производи според ЕУ-стандардите

Хоџа: Од исклучително значење е да имаме пазари за земјоделски производи според ЕУ-стандардите
Скопје, 1 јули 2021 (МИА) - Воспоставување одредени правила, како и сет мерки за регулирање и поддршка на земјоделските пазари, интервенција на пазарите во случај на пазарна нестабилност, здружување на производителите, создавање здрави навики за исхрана кај децата преку воведување на училишните шеми, како и праведен трговски однос меѓу производителите и откупувачите, се резултатите кои се очекуваат со имплементација на проектот „Воведување и спроведување на мерките за заедничко уредување на пазарите“. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на официјалното затворање на проектот истакна дека уредувањето на пазарите на земјоделските производи на начинот на кој тоа го има утврдено Европската Унија е од исклучително значење за земјоделскиот сектор во нашата држава. Со хармонизација на регулативата и стандардите, рече тој, очекуваме силно и позитивно подобрување на конкурентноста на нашите домашни земјоделски производи. Хоџа потенцира дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како креатор на политиките вложува огромни напори да го заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувања предизвикани од флуктуирање на цените. - Би сакал да потенцирам дека проектот е многу успешен. Постигнати се конкретни резултати и тоа: изработка на подзаконски акти и национална програма за спроведување на училишните шеми за достава на бесплатно овошје, зеленчук, млеко и млечни производи во градинките и училиштата, изработка на национална стратегија и програма за поддршка и развој на пчеларството, изработка на нов национален предлог-закон за уредување на земјоделските пазари, изработка на годишни програми за работа на постојаните подсекторски групи за овошје, зеленчук, вино, житарки, млеко и млечни производи, мед, како и спроведување на обуки на членови од подсекторските групи, подзаконски акти и предлог-измени на законска рамка во делот на стандарди за квалитет на свежо овошје и зеленчук. Обуки на инспектори и изработка на детален правилник за контрола на квалитетот на свежото овошје и зеленчукот, подзаконски акти за воспоставување на организации на производители и нивно функционирање и подготовка на оперативни програми итн, рече министерот Хоџа. Хоџа информира дека првите резултати на овој проект се очекуваат во втората половина на 2022 година, кога ќе има конкретни мерки во делот на интервенирање во пазарите, сет на мерки што се усогласува со тоа што веќе се прави во ЕУ. Проектот почна во 2018 година и е целосно спроведен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од страна на Конзорциумот We Global и неговите партнери, со финансиска поддршка од ИПА помош на Европската унија во вредност од околу 900 илјади евра. Главната цел на проектот е унапредување на конкурентноста на земјоделскиот сектор и хармонизација на нашите законски решенија со европската регулатива. фф/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан