• среда, 27 ноември 2024

Хоџа: Не се размислува за повлекување на предлог-законот за продажба на државно земјоделско земјиште

Хоџа: Не се размислува за повлекување на предлог-законот за продажба на државно земјоделско земјиште
Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) - Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа денеска изјави дека не се размислува за повлекување на предлог-законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, бидејќи како што рече, тој закон ќе придонесе за развојот на земјоделството, во делот на приходите во буџетот, но и во делот на инвестициите што би биле како дел од евентуалната продажба на земјоделското земјиште. - Во врска со предлог-законот за продажба на земјоделско земјиште точно е дека е завршена фазата на разгледување во ЕНЕР. Работната група што го изготвува законот веќе ги прибираше сите забелешки што се ставени на ЕНЕР и започна комуникација и со засегнатите страни. Освен јас, што започнав кампања за посета на земјоделците за да им се објасни делот на законот и да ја видиме нивната подготвеност, исто така од работната група почнаа да комуницираат со засегнатите страни, рече Хоџа одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими и со директорот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи. Тој информира дека вчера е остварена комуникација со Федерација на фармери, што, како што посочи, првично биле против, а сега по разгледувањата на предлозите што ги предвидуваше и делот на ЕНЕР, но и оние во писмото што го испратиле до Министерството, зеле предвид некои решенија. - Останува да се организираат уште најмалку две или три јавни дебати каде што ќе бидат присутни по региони и засегнатите страни и самите земјоделци и после тоа кога ќе имаме крајно решение, односно пречистен текст со сите забелешки и сите аргументирани предлози тогаш ќе се продолжи процедурата за доставување до Собрание и за понатамошно собраниска процедура, истакна Хоџа. Директорот на СБ во земјава, Паолучи, на новинарско прашање да даде оценка за владиниот предлог за продажба на државно земјоделско земјиште, изјави дека не е информиран за предлогот и не може да даде коментар. - Меѓутоа има многу примери во светот каде што се преземени слични иницијативи. Би рекол дека рецептот тука е да се комбинира јавниот интерес со моделот на раст на земјата. Решението тука би требало соодветно да ги искомбинира овие два елементи и да одговара на потребите на луѓето во Македонија. Како што реков, имаме неколку примери коишто сме ги виделе ширум светот како и во европскиот регион, така и пошироко и имаме неколку извлечени поуки. Уверен сум дека властите во Македонија ги проучуваат и ги разгледуваат овие извлечени поуки за да го спроведат сето ова во согласност со најдобрите меѓународни практики, оцени Паолучи. нд/сп/  

Остани поврзан