• понеделник, 18 ноември 2024

Холштајн: Да се најде решение што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија

Холштајн: Да се најде решение што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Потребно е да се најде решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе биде добро и за двете земји, изјави денеска германската амбасадорка во државава Анке Холштајн. - Водечка улога во ЕУ во моментов има Франција, која што претседава со Европската Унија. Но, сите ние сме согласни во тоа дека треба да помогнеме да се најде начин и решение кое што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија, нагласи Холштајн во одговор на новинарско прашање дали Германија има некаков план да помогне за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија. Холштајн, која заедно со премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешко село Долно Каласлари, исто така истакна дека политиката на проширување на ЕУ денес повеќе од кога било досега претставува и безбедносна политика. - И всушност овој факт кај сите треба да значи одговорност во моментите кога ќе треба да се носат одлуки, нагласи Холштајн. Премиерот Ковачевски, прашан да ја прокоментира изјавата на претседателот Стево Пендаровски кој оцени дека е коректен ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија оти нема да има нови условување, рече дека таа изјава е речиси идентична со неговата. - Во однос на изјавата на претседателот Пендаровски, таа е практично идентична со мојата изјава дека со Република Бугарија треба да има сеопфатно решение кое што ќе ги затвори сите отворени прашања и кое што ќе значи безусловно кревање на ветото што Бугарија го има ставено за отпочнување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ, рече Ковачевски. На прашањето дали е оптимист дека до јуни би можел да се реши спорот со Бугарија, премиерот рече дека е рационален оптимист, оти верува во остварување на одредена цел и оти работи таа цел да се оствари. - Уште од самиот почеток откако бев избран за претседател на Владата кажав дека не се врзувам за датуми и ниту во еден момент не споменав ниеден датум. Кажав дека нас ни треба брзо, меѓутоа не и избрзано решение, рече Ковачевски. нд/сп/

Остани поврзан