• понеделник, 17 март 2025

Холандски центри за изгореници нудат помош за жртвите од пожарот во Кочани

Холандски центри за изгореници нудат помош за жртвите од пожарот во Кочани

Хаг, 17 март 2025 (МИА) - Центрите за третман на изгореници во холандските градови Гронинген, Бевервајк и Ротердам се подготвуваат да примат и да лекуваат жртви од пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија,  изјави портпарол на Холандската фондација за третман на изгореници за јавниот сервис NOS. 

- Сè уште не е познато дали некои од повредените ќе бидат пренесени во Холандија на лекување, изјави портпаролот, пренесува НЛ Тајмс. -Во моментов се проценува тежината на изгорениците, а потоа Европската асоцијација за третман на изгореници ќе одлучи дали некои од пациентите ќе бидат лекувани во Холандија, појасни претставникот.

Дополнително, во тек се разговори за можноста холандски лекари и медицински сестри да отпатуваат во Северна Македонија за да помогнат, изјави Пол ван Зујлен, пластичен хирург и директор на центарот за изгореници во Бевервајк, за RTL Nieuws. Според него, сè уште нема многу информации за состојбата на жртвите, но очекува сериозни повреди. - Фактот дека веќе има речиси 60 загинати зборува доволно. Ова морало да има огромно влијание и врз останатите повредени, потенцира хирургот. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан