Холандската Влада ќе почне со предвремено ослободување затвореници поради пренатрупаност на затворите
- Во моментов, казните се намалуваат за три дена, но овој период може да се продолжи на една недела. Постои и можност некои казни целосно да се укинат, додаде Кунради. - Не можам да ја исклучам оваа можност – состојбата е толку лоша, изјави таа.
Хаг, 5 декември 2024 (МИА) - Холандската Влада соопшти дека затворите во земјата се толку полни што нема место за нови затвореници. Поради ова, од следната недела, прекршителите на законот ќе бидат предвремено ослободувани, изјави државната секретарка во Министерството за правда и безбедност, Ингрид Кунради, пред парламентот во Хаг, пренесува ДПА.
Кунради наведе дека води разговори со Естонија за можноста да се изнајмат затворски ќелии таму.
Во моментов, казните се намалуваат за три дена, но овој период може да се продолжи на една недела. Постои и можност некои казни целосно да се укинат, додаде Кунради. - Не можам да ја исклучам оваа можност – состојбата е толку лоша, изјави таа.
Според неа, сите други мерки се веќе исцрпени. Дури и ќелиите во полициските станици се целосно исполнети.
Причините за оваа криза се недостиг на персонал и подолгите затворски казни што ги изрекуваат судовите во Холандија. Многу луѓе веќе се предвремено ослободени, а во некои случаи извршувањето на казната било одложувано додека не се ослободи место во затворите, пренесува ДПА.
Само пред неколку години, Холандија имаше вишок слободни затворски ќелии, што доведе до затворање на неколку затвори. ссм/
Фото: архива/илустрација