Ховениер: Ситуацијата во северно Косово е исклучително загрижувачка
- Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер изјави дека ситуацијата во северно Косово, каде што денеска протестираат локалните Срби против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население, е „исклучително загрижувачка“ и побара од сите инволвирани страни да придонесат за деескалација на состојбата.
Приштина, 29 мај 2023 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер изјави дека ситуацијата во северно Косово, каде што денеска протестираат локалните Срби против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население, е „исклучително загрижувачка“ и побара од сите инволвирани страни да придонесат за деескалација на состојбата.
Како што јави МИА, Ховениер по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи рече дека е значајно да не се дозволи насилен влез во објектите на општините пред кои утрово излегоа на протест граѓаните од српска националност.
- Штотуку се сретнав со претседателаката Османи, разговаравме за состојбата на северот. Јас изразив загриженост поради насилството. Заедно со мојот колега, амбасадорот (на ЕУ во Косово, Томаш) Суниог ги повикавме градоначалниците на северните општини, дојдоа оние на Звечан и Зубин Поток. Разговаравме за загрижувачката ситуација. Не знам зошто не дојдоа другите двајца градоначалници (на Северна Митровица и Лепосавиќ), можам само да кажам дека поканата им е доставена, рече Ховениер.
Тој додаде дека САД и земјите од Квинтата нагласиле оти е битно „службените лица да влезат во институциите без употреба на сила“.
- Тоа останува наш став. И со градоначалниците разговаравме за тоа како можат да ги вршат нивните задачи и да им служат на граѓаните без да има потреба од употреба на сила за да влезат во институциите, изјави Ховениер по средбата со Османи.
Новоизбраните градоначалници во четирите општини со мнозинско српско население, за кои гласаа 2-3 проценти од граѓаните со право на глас, во петокот положија заклетви и влегоа во нивните општински згради обезбедувани од голем број припадници на специјалната полиција. Истиот ден, претседателот на Србија, Александар Вучиќ свика седница на државниот Совет за безбедност и нареди подигнување на борбената готовност на вооружените сили. иа/паг/
Фото: МИА архива