• сабота, 23 ноември 2024

Ховениер повторно ја повика Приштина да ја одложи одлуката за забрана на динарот, односите се загрозени

Ховениер повторно ја повика Приштина да ја одложи одлуката за забрана на динарот, односите се загрозени

Приштина, 15 февруари 2024 (МИА) - Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер денеска го повтори повикот до властите во Приштина да ја одложат одлуката за забрана на динарот на Косово и нагласи дека ситуацијата со динарот влијае на партнерството на САД со Косово.

На прес-конференцијата тој потсети дека американскиот помошник државен секретар, Џејмс О'Брајан пред два дена изјави дека властите во Приштина треба да ја повлечат одлуката за динарот и дека со забраната на динарот Приштина го доведе во прашање партнерството со САД, бидејќи ја донеле таа одлука и покрај противењето на Вашингтон.

-Загрижен сум што сега во нивните интервјуа велат дека тоа нема да влијае на нашето партнерство. Сакам да повторам дека тоа не е точно. Не е точно. Како што рече О'Брајан, оваа ситуација веќе влијаеше на нашето партнерство. Брајан јасно му ја кажа нашата позиција на премиерот Курти. Секоја спротивна сугестија одразува погрешно претставување на важноста што ја даваме за решавање на ова прашање. Загрижени сме, би рекол дури и фрустрирани, што владата на премиерот Курти не го стори тоа и секоја сугестија дека се е добро и дека тивко сите сме во врска едни со други едноставно не е во ред, рече тој. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан