ХЕРА: Мизрахи, Филипче и Хасани се согласија дека здравствената промоција и превенција е клучна инвестиција
- СООПШТЕНИЕ - На панел-дискусијата „Улогата на Собранието во унапредувањето на превентивните здравствени политики“, одржана во рамки на Конференцијата „Здравствени политики за сите“, учествуваа пратеници од Комисијата за здравство од Собранието на Република Северна Македонија, вклучувајќи ја претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи и пратениците Венко Филипче и Илир Хасани.
Скопје, 22 ноември 2024
На панел-дискусијата „Улогата на Собранието во унапредувањето на превентивните здравствени политики“, одржана во рамки на Конференцијата „Здравствени политики за сите“, учествуваа пратеници од Комисијата за здравство од Собранието на Република Северна Македонија, вклучувајќи ја претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи и пратениците Венко Филипче и Илир Хасани.
На панелот беше истакната важноста од континуирано зголемување на буџетот за превентивните програми, како и препознавање на граѓанските организации како значајни партнери во здравствената промоција и обезбедувањето здравствени услуги, со цел подобрување на здравствената заштита за сите граѓани.
Пратениците Мизрахи, Филипче и Хасани потенцираа дека превентивните мерки треба да се интегрираат во сите здравствени политики, а координацијата меѓу институциите и граѓанските организации да биде поефективна за да се зголеми достапноста на здравствените услуги на терен. Дополнително се дискутираше и за потребата за зајакнување на надзорната улога на Собранието.
Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО ДПМНЕ и претседателка на Комисијата за здравство ја истакна потребата од создавање централизирана база на податоци за ефективно следење на имплементацијата на здравствените програми и состојбата на системот. Таа нагласи: „Пратениците, како клучни во надзорот на извршната власт, треба да имаат соодветни механизми за следење на реализацијата на законите, здравствените програми и другите државни политики.“ Мизрахи апелираше Собранието да преземе активна надзорна улога, со цел зголемување на транспарентноста и ефективноста на здравствениот систем.
Поранешниот министер за здравство, актуелен претседател и пратеник на СДСМ, Венко Филипче ги потенцираше предизвиците со достапноста на здравствените услуги за граѓаните, констатирајќи дека реформата во здравствениот сектор согласно искуството од раководење на ресорот треба да биде мултисекторска, при суштинска реформа е потребна во делот на начинот на финансирање на здравствените услуги. Тој нагласи дека за да се подобри квалитетот на услугите, неопходна е координација меѓу јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор во здравството. Буџетите за превенција треба да се зголемуваат, и граѓанските организации се клучни во пополнување во јазот онаму каде здравствениот систем нема пристап до ранливите групи на граѓани. Токму затоа опозицијата поднесе амандман за зголемување на буџетот на програмата за ХИВ за 2025 година, за да се одржи превенцијата.
Илир Хасани пратеник на ДУИ и член на собраниската Комисија го акцентираше значењето на превентивните мерки како приоритет: „Превенцијата треба да биде во центарот на здравствените политики. Преку соодветна правна регулатива треба да се дефинираат услугите што ги обезбедува граѓанскиот сектор, со цел да се обезбеди правичност и квалитет. Превенцијата е исплатлива на долг рок и за државата и за граѓаните.
Хера
______________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
фото Хера