• вторник, 01 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Хелсиншки комитет: Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција

Хелсиншки комитет: Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права очекува Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации.

- Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности, наведуваат од Хелсиншки комитет.

Оттаму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа.

- Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции. Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции, се наведува во соопштението.

Граѓаните, како што велат од Хелсиншкиот комитет, очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.

-Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво, се додава во соопштението од Хелсиншкиот комитет. дма/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан