• вторник, 24 декември 2024

Хелсиншки комитет: Владата и ДИК сториле дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на правото на глас

Хелсиншки комитет: Владата и ДИК сториле дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на правото на глас

Скопје, 20 декември 2023

Апелациониот суд Скопје со пресуда од 30.10.2023 година во целост ја потврди пресудата на Основниот граѓански суд Скопје од 31.03.2023 година. Со оваа пресуда е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Судот утврди дека директната дискриминација е сторена со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места и го повредиле начелото на соодветно приспособување. На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата. 

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат:

- пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места;

- пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила;

- пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Дополнително, Владата и Државната изборна комисија се задолжени, во пристапен формат, да го објават во медиумите диспозитивот на пресудата со која се утврдува дека сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас и активно учество во политичкиот живот, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата. 

Ваквата судска завршница следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Целосното соопштение е достапно на следниот линк


Фото: Хелсиншки комитет 

 Хелсиншки комитет за човекови права

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан