• понеделник, 23 декември 2024

Хајрулахи: Кривичната пријава има тенденцијата да ме отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот

Хајрулахи: Кривичната пријава има тенденцијата да ме отстрани и замолчи, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи, кој од вчера е суспендиран од функцијата, денеска на прес-конференција пред Обвинителството, обвини дека кривичната пријава против него поднесена од страна на Републичкиот јавен обвинител, има тенденцијата да го отстрани и заќути, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, како што рече, да се донесат нарачани одлуки. 

Според Хајрулахи, надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство, се случил откако тој на 19 септември бил повикан од Републичкиот јавен обвинител, кај него во канцеларија и му било кажано дека по однос на предметот со бонусите на СЈО треба да донесе одлука со која што ќе се потврди првостепеното решение од ОЈО ГОКК.

Надзорот се случи, но, како што посочи Хајрулахи, се уште немаат добиено извештај, иако е поминат законскиот рок од 30 дена, во кои треба да се достави извештај до Вишото јавно обвинителство со констатации за извршениот надзор. 

- Веќе поминаа 30 дена од извршениот надзор, зошто надзорот беше закажан на 10 октомври. Веќе поминаа месец дена, но се уште го немаме извештајот за извршениот надзор. Ќе ви кажам од мои информации, дека извештајот не се доставува се со цел да се отстрани срамот од страна на јавниот обвинител кој, брутално се однесува кон Вишото јавно обвинителство, бидејќи од тројцата обвинители двајцата одбиваат да се потпишат на извештајот за извршениот надзор, бидејќи истите не се согласуваат со констатациите од страна на еден јавен обвинител, кој што тенденциозно беше цело време во вршењето на надзорот и од тие причини до денеска не е доставен извештајот, изјави Хајрулахи.  

Спорното во целиот надзор, според Хајрулахи, е тоа што од тројцата јавни обвинители, двајца по сила на закон не би требало да учествуваат во вршењето на надзорот, од причина што обвинителот Едмин Вели до пред неговото заминување во ЈОРСМ бил негов прв заменик и обвинител кој што активно постапува по сите предмети во Вишото јавно обвинителство Скопје, а обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи се вршел надзор над предметите од поранешното СЈО, односно на предметот познат како „Поштенска банка“ и предметот против тогаш обвинетиот Драган Павловиќ Латас.

Во однос на снимањето на новинарката, Хајрулахи, рече дека тоа не е во ред, но дека има Закон за укажувачи. 

- Законот за укажувачи тоа стриктно го регулира. Јас како јавен обвинител, ако не обзнанам, односно ако го сокријам сето тоа, јас ќе бидам дел од тие што незаконито постапуваат, изјави Хајрулаји. 

Според Хајрулахи, целото внимание е пренасочено и се дала сосема друга насока на целиот настан, од тоа што ќерка на републички обвинител изнесува податоци од кабинетот на обвинителот, на тоа кој ја снимал новинарката. 

- Навистина длабоко жалам за сето тоа што се случи. Фамата, околу тоа кој ја снимал новинарката. Новинарката, тоа нејзе и е работа и тоа е легитимно, таа да седне со било кого. Но, не е легитимно од страна на републички јавен обвинител преку неговата ќерка да изнесува информации во јавноста, изјави Хајрулахи. 

Прашан за коментар на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за работата на обвинителите, Хајрулахи рече, дека не сака да дава политичка конотација на целата ситуација. 

- Едноставно сакам да се пренесе целиот притисок што се врши врз мене и врз институцијата Виш јавен обвинител за две работи. Основната работа е за бонусите на предметот за поранешните обвинители од СЈО и за изнесените информации од страна на ќерката на републичкиот обвинител до јавноста, рече Хајрулахи.

Во однос на кривичната пријава против него од вработени во Вишото јавно обвинителство, Хајрулахи вели дека не знае за што е се однесува. 

- Искрено, јас не знам ни што е кривичната пријава, ниту од кого е. Немам никакви информации, а веќе е отворена истрага. Така да, и тоа е спротивно од Законот за кривична постапка. Не може нешто да се отвори истрага, без јас барем телефонски да бидам известен дека против мене се води истрага. Или, ако не друго, на писмено, како и за секоја странка и пријавен да одам и да дадам своја одбрана, изјави Хајрулахи. 

Прашан што е спорно во предметот со бонусите на СЈО, Хајрулахи рече дека не може да зборува за предмети, но нагласи дека обвинителот што постапува по предметот се уште го проучува, бидејќи станува збор за обемен предмет. 

- Откако обвинителот кој постапува по предметот ќе има конкретен став по однос на одлуката на ОЈО ГОКК, тогаш ќе излеземе со прес-конференција и ќе ја кажеме одлуката што ќе ја обзнани обвинителот кој што постапува по тој предмет, изјави Хајрулахи. 

Државниот јавен обвинител, Хајрулахи посочи, дека во разговор конкретно му кажал дека треба да се потврди првостепената одлука и дека не треба политичката партија, односно подносителот на кривичната пријава да има својство на оштетен. 

- Не ми даде простор да се објаснуваме и да кажеме дали ќе има реферирање, дали од страна на обвинителот е проучен предметот, дали обвинителот што постапува по предметот, зошто искрено и јас не ја знам содржината на предметот, кој е обемен и уште се работи. А, не можам јас вчера е стигнат предметот, утре да кажам одлуката каква ќе биде, изјави Хајрулахи.

Хајрулахи, исто така, ги отфрли обвинувањата од Коцевски дека неговата реакција доаѓа откако почна надзорот врз работата на Вишото јавно обвинителство Скопје. 

- Не, не е вистина. Надзорот заврши, уште немаме извештај од извршениот надзор. Тоа се констатациите и добро е кога има надзор над работата на пониското обвинителство, бидејќи и ние како Вишо јавно обвинителство вршиме надзор над пониските јавни обвинителства. Со тоа, се помага обострано да се отстранат сите неправилности, односно аномалии во работењето на пониските јавни обвинителства, изјави Хајрулахи. 

Хајрулахи, меѓу другото, нагласи дека за секоја предмет, по кој е постапувано, а бил од интерес на јавноста, бил известен Републичкиот јавен обвинител. 

Прашан за меѓучовечките односи во Вишото јавно обвинителство Скопје,  Хајрулахи рече дека, ниту знае од кого е, ниту знае дали писмената претставка за мобинг е претворена во кривична пријава или има конкретна кривична пријава, не знае и не може да каже, но, посочи дека има многу работи, за кои, како што вели, треба логично да се поврзуваат, нагласувајќи дека кривичната пријава против него во ОЈО Штип е поднесена токму на 31 октомври, дента кога јавно кажал дека изнесува информации во јавноста преку неговата ќерка.  

- Кажете дали може да се создаде слика за една институција со четворица вработени во обвинителството, за кои што тврдам, и дојдоа истите кај мене, и кажаа: Обвинителе, ние сме инструирани, ние сме излажани и сето ова се прави тенденциозно, зошто така ни е кажано, дека преку ова ќе ве разрешат и ќе дојде на ваше место обвинителката која што има претензии, изјави Хајрулахи.

Основното јавно обвинителство Штип вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахиза кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. аа/са/

Фото: МИА

Остани поврзан