• понеделник, 23 декември 2024

Харис ќе го поддржи Западен Балкан во интеграциите, Трамп вети засилена безбедност во регионот

Харис ќе го поддржи Западен Балкан во интеграциите, Трамп вети засилена безбедност во регионот

Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) - Потпретседателката на САД и демократска претседателска кандидатка Камала Харис изјави дека доколку биде избрана за претседател ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и продолжувањето на евроатлантските интеграции, додека поранешниот американски претседател и Републиканскиот кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и зајакнување на безбедноста во тој регион.

Претставници на изборните штабови на Харис и Трамп во писмена реакција до македонскиот сервис на Гласот на Америка ги образложија позициите на претседателските кандидати во пресрет на изборите во САД, кои се одржуваат денеска.

-Харис постојано се залагаше за унапредување на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Борбата против корупцијата е суштински интерес на американската национална безбедност, што е една од причините зошто Харис е целосно посветена на унапредување на евроатлантските аспирации на земјите од Западен Балкан. НАТО и ЕУ почиваат на заедничките демократски вредности, вклучително и силни, независни и одговорни институции“, рече портпаролката на изборниот штаб на Камала Харис во краток одговор на прашањето за идната политика на демократите кон Западен Балкан.

Во 2021 година, американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша извршна наредба со која се предвидува блокирање на имотот и спречување на влез во САД на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан, за дејствија кои, меѓу другото, вклучуваат и корупција.

Предизборниот штаб на Трамп им испрати на Гласот на Америка малку подолг одговор на прашањето за политиката кон Западен Балкан.

Христос Марафакос, потпретседател на Националниот комитет за различности во изборниот штаб на Трамп, вели дека доколку републиканскиот кандидат биде реизбран, неговата политика „ќе ги нагласи прагматичните партнерства фокусирани на стабилноста, економските можности и борбата против корупцијата“.

-Трамп разбира дека вистинскиот мир доаѓа од силни, самодоволни држави. Неговата администрација ќе се фокусира на зајакнување на економската сила и безбедноста на балканските земји, овозможувајќи им да се спротивстават на корупцијата и надворешниот притисок. Ова значи поддршка на стратешките економски трговски договори и антикорупциските мерки не само со зборови, туку преку ефективни партнерства, споделување ресурси и обука што ги зајакнува локалните институции, рече Марафакос.

Тој тврди дека надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е „обележана со неактивност, празни ветувања и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици во регионот“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан