• среда, 27 ноември 2024

Харис: Трамп ќе го укине Обамакер; Трамп: Никогаш не спомнав такво нешто

Харис: Трамп ќе го укине Обамакер; Трамп: Никогаш не спомнав такво нешто

Вашингтон, 1 ноември 2024 (МИА)- Демократската претседателска кандидатка Камала Харис ги предупреди гласачите вчера дека нејзиниот републикански ривал, Доналд Трамп, ќе ги укине програмите за здравствена заштита по пристапни цени, додека Трамп тврди дека има концепт за поинаков план.

На кратката прес-конференција, Харис ги потсети гласачите дека поранешниот претседател неуспешно се обиде да го укине Законот за достапна здравствена заштита, таканаречениот  Обамакер, а, исто така, рече дека неговите забелешки на митингот во средата биле навредливи за жените.

-На овие избори, здравствената заштита е во прашање, рече Харис во Медисон, Висконсин, пред да отпатува за Аризона и Невада.

Трамп веднаш реагираше на својата социјална мрежа „Truth Social“ и напиша дека никогаш не сакал да се ослободи од програмата.

Во кампањата во 2016 година, Трамп постојано ветуваше дека ќе го укине Обамакер и по неговиот избор за претседател, кога Претставничкиот дом гласаше да го стори токму тоа, тој ги пречека републиканските претставници во Белата куќа на прослава.

Но, обидот за гласање во Сенатот во јули 2017 година пропадна кога починатиот сенатор Џон Мекејн го запре главното гласање.

Трамп сега тврди дека никогаш не рекол дека ќе го направи тоа.

-Никогаш не ни спомнав дека ќе го направам тоа, никогаш не ни помислив на тоа, одговори Трамп вчера.

Обамакер обезбедува здравствена заштита за 40 милиони Американци.

Трамп го омаловажи ова прашање за време на кампањата, иако вчера повтори дека како претседател ќе ги охрабри осигурениците да ги покријат трошоците за третманите за ин витро оплодување (ИВФ).

Кога беше прашан за здравствената заштита во телевизиската дебата со Харис на 10 септември, тој го повтори своето тврдење дека „Обамакер е лоша здравствена заштита“, но призна дека допрва треба да предложи сеопфатна алтернатива, велејќи дека ги има „концептите на планот. "сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан