• вторник, 24 декември 2024

Ханегби: Палестинска управа е можна во Газа, но само по поразот на Хамас

Ханегби: Палестинска управа е можна во Газа,  но само по поразот на Хамас

Тел Авив, 21 декември 2023 (МИА) - Советникот за нацонална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Тачи Ханегби, во колумна на арапски јазик, објавена во  саудискиот сајт „Елаф“, соопшти дека Тел Авив е подготвен да дозволи Палестинската управа да ја преземе власта во Газа, но само по завршувањето на војната.

Ханегби во колумната сугерира дека израелската Влада можеби го омекнува своето противење Палестинската управа да ја преземе контролата врз Газа по војната.

„Тајмс оф Израел“ пренесува дека советникот за национална безбедност во колумната, исто така, вели дека Израел е посветен на обновата на Газа, заедно со Палестинците, меѓународната заедница и приватните бизниси, опишувајќи ја воената кампања за соборување на Хамас со тоа дека Израел го ослободува Појасот Газа од владеењето на оваа група.

„Покрај обезбедувањето на безбедноста на нашите граѓани, што ние нема да ја компромитираме, Израел нема интерес да ги контролира цивилните работи во Газа и ќе треба да има умерено палестинско раководно тело кое ќе ужива широка поддршка и легитимитет. Не е наше да одлучиме кој ќе биде“, пишува Ханегби.

Ханегби забележува притисок од меѓународната заедница Палестинската управа (ПА) да ги преземе работите во свои раце во Газа, но додава дека тоа би било невозможно без реформи, особено да се стави крај на поттикнувањето насилство против Израел.

„Во сегашната форма ПА тоа го смета за тешко изводливо и ќе бара многу работа и помош од меѓународната заедница и од регионалните соседи. Подготвени сме за овој напор“, додава тој.

Колумната означува нагло отстапување од публикуваното одбивање на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го разгледа владеењето на ПА како опција за повоена Газа, тврдејќи дека ПА и Хамас се во голема мера исти.

Коментарите во голема мера ја одразуваат позицијата на Вашингтон, иако американскиот државен секретар Ентони Блинкен се фокусираше на антикорупциските реформи кои ПА требаше да преземе повеќе од образовните. сд/

фото: Википедија

Остани поврзан