• недела, 23 февруари 2025

Хамас: Луѓето во Газа „ќе се кренат повторно“ и ќе ја обноват уништената територија

Хамас: Луѓето во Газа „ќе се кренат повторно“ и ќе ја обноват уништената територија

Газа, 20 јануари 2025 (МИА) - Палестинската милитантна група Хамас, која ја контролира Газа од 2007 година, во својата најнова порака рече дека Газа и нејзиниот народ „ќе се кренат повторно“ и дека ќе ја обноват територијата во голема мера уништена од израелските напади.

„Газа, со својот голем народ и нејзината издржливост, повторно ќе се крене за да го обнови она што го уништи окупацијата и ќе продолжи по патот на непоколебливост додека окупацијата не биде поразена“, се вели во соопштението на Хамас објавено на вториот ден од прекинот на огнот во Газа, пренесе денеска „Гардијан“.

Во соопштението тие наведуваат дека „во текот на 471 ден, систематските злосторства на окупацијата не успеаја да го одвратат палестинскиот народ и неговиот храбар отпор да останат на земјата и да се спротивстават на агресијата“.

Повеќе од 46.000 Палестинци се убиени во Газа во израелските напади, според здравствените власти на територијата, а училишта, болници и друга инфраструктура, како патишта, се уништени во бомбардирањето. Војната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел во октомври 2023 година, при што, според израелски извори, загинаа повеќе од 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници. Договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила вчера, вклучува и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас. паг/

Фото: МИА архива



Остани поврзан