• среда, 27 ноември 2024

Хамас смета дека израелскиот предлог не ги задоволува барањата на палестинската страна

Хамас смета дека израелскиот предлог не ги задоволува барањата на палестинската страна

Каиро, 9 април 2024 (МИА) – Официјалниот претставник на Хамас, Али Барака, во изјава за британските медиуми вчера истакна дека движењето го отфрла израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на разговорите во Каиро.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вчера, исто така, соопшти дека е утврден датумот за почеток на офанзивата на израелските сили (ИДФ) на Рафа, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што се побегнати мнозинството палестински бегалци од другите делови на енклавата.

Израел и Хамас во неделата ги испратија своите преговарачки тимови во Каиро, а во разговорите учествуваат катарските и египетските посредници, како и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

Присуството на Барнс е показател за зголемениот притисок од САД, најголемиот сојузник на Израел, да се постигне договор со кој ќе се ослободат израелските заложници држени во Газа и ќе се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците по шестмесечниот конфликт.

Барака за британските медиуми кажа политбирото на Хамас се состанало и одлучило да го отфрли израелскиот предлог. Друг претставник на милитантната група, пак, кажа дека не е постигнат напредок во преговорите.

„Нема промена во ставот во врска со окупацијата и затоа нема ништо ново во разговорите во Каиро“, изјави вчера претставникот на Хамас, кој сакаше да остане анонимен.

Хамас бара каков и да било план во себе да вклучува прекин на израелската воена офанзива, повлекување на израелската армија од Газа и дозволување на бегалците да се вратат во своите домови низ целата енклава.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан