Хамас го поздрави повлекувањето на Трамп од предлогот за раселување на жителите на Газа
- -Ако изјавите на американскиот претседател Трамп претставуваат повлекување од каква било идеја за раселување на луѓето од Појасот Газа, тие се добредојдени, рече Касем.

Газа, 13 март 2025 (МИА) - Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, вчера го поздрави очигледното повлекување на американскиот претседател Доналд Трамп од предлогот за трајно раселување на Палестинците од Газа, повикувајќи го Трамп да се воздржи од согласување со визијата за „екстремната ционистичка десница“.
Изјавата на претставникот на Хамас доаѓа откако Трамп вчера рече дека „никој не ги протерува Палестинците од Газа“ како одговор на прашање за време на состанокот во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин.
-Ако изјавите на американскиот претседател Трамп претставуваат повлекување од каква било идеја за раселување на луѓето од Појасот Газа, тие се добредојдени, рече Касем.
Минатиот месец Трамп предложи американско преземање на Газа, каде во израелските воени напади во изминатите 17 месеци загинаа десетици илјади лица, откако претходно предложи Палестинците во енклавата да бидат трајно раселени.
Тахер Ал-Ноно, политички советник на лидерот на Хамас, пред неколку дена ги потврди тајните директни разговори со САД во главниот град на Катар, каде што разговараа за ослободување на американско-израелскиот двоен државјанин, држен од милитантната група во Газа.
Тој додаде дека на средбите меѓу лидерот на Хамас и американскиот преговарач за заложници, Адам Болер, разговарале и како етапно да се помине имплементацијата на договорот, чија цел е да се стави крај на војната меѓу Израел и Газа.
Израел и Хамас во саботата сигнализираа дека се подготвуваат за следната фаза од преговорите за прекин на огнот, додека посредниците ги продолжија разговорите за продолжување на 42-дневното примирје што започна во јануари.сд/
фото:МИА архива