Фудбалскиот клуб Пелистер бара да игра во Првата фудбалска лига
- Во очекување на одлука на Фудбалската федерација на Македонија за начинот на завршување на годинешната фудбалска сезона, ФК Пелистер, есенскиот првак во Втората лига – Запад, со соопштение д
Битола, 20 мај 2020 (МИА) - Во очекување на одлука на Фудбалската федерација на Македонија за начинот на завршување на годинешната фудбалска сезона, ФК Пелистер, есенскиот првак во Втората лига – Запад, со соопштение до ФФМ и спортската јавност, побара клубот на есен да биде прволигаш.
Од ФК „Пелистер“ посочуваат дека во интерес на почнати проекти, а како обврска кон симпатизерите, ја информираат јавноста дека ФК Пелистер, во годината во која што слави 75-годишнината од своето постоење, има една единствена долгорочна цел – промоција во Првата лига и значајно место во македонскиот клупски фудбал.
- Со оглед на ново настаната ситуација, сакаме да потенцираме дека здравјето на нашите граѓани мора да остане на прво место и дури потоа може да се размислува за спортскиот и натпреварувачки дел. Нашата порака е да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за поголема група од македонски прволигаши и второлигаши за завршување на оваа и пополнување на местата за следната сезона, соопштија од ФК Пелистер-Битола. мт/зс/