• вторник, 24 декември 2024

„Фронтекс“: Околу 330.000 луѓе лани се обиделе илегално да влезат во ЕУ, не сметајќи ги украинските бегалци

„Фронтекс“: Околу 330.000 луѓе лани се обиделе илегално да влезат во ЕУ, не сметајќи ги украинските бегалци

Варшава, 14 февруари 2023 (МИА) - Околу 330.000 луѓе се обиделе илегално да влезат во ЕУ минатата година, што е рекорд за последните шест години, објави во Варшава агенцијата на ЕУ за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“, јави ДПА.

Оваа статистика не ги зема предвид бегалците од Украина кои влегуваат во ЕУ, нагласува европската агенција.

Минатиот месец се регистрирани вкупно 13.200 илегални преминувања на границите на Европската Унија, што е за 12 отсто помалку од јануари минатата година. Според „Фронтекс“, падот може да се објасни со лошите временски услови, особено по морските рути.

Илегалните мигранти кои влегуваат во ЕУ преку Западен Балкан изнесуваат 43 проценти. Во исто време, обидите за влез преку западниот Медитеран, на пример од Мароко до Шпанија, се речиси преполовени.

Пад од 82 отсто е забележан и на рутата низ Западна Африка, која тргнува од Мароко и стигнува до Канарските Острови. Покрај лошите временски услови, значителното намалување на илегалните мигранти кои ја користат оваа рута се должи и на зголемените патроли и превентивни мерки, особено во Мароко, забележува Фронтекс.

Од друга страна, бројот на илегални гранични преминувања долж централната медитеранска рута, на пример од Либија и Тунис преку Сицилија и Малта, е зголемен за 49 отсто. ссм/

Остани поврзан