• понеделник, 23 декември 2024

Француските социјалисти и зелените нема да ги продолжат преговорите со Макрон за формирање нова влада

Француските социјалисти и зелените нема да ги продолжат преговорите со Макрон за формирање нова влада

Париз, 27 август 2024 (МИА) - Француските социјалисти и зелени одлучија да не ги продолжат преговорите со претседателот Емануел Макрон за формирање нова влада во Франција и наместо тоа ги повикаа своите поддржувачи на мирни протести.

-Нема да ги продолжиме овие лажни консултации со претседател кој и онака не слуша и е опседнат со контролата. Тој не бара решение, туку се обидува да опструира, рече претседателката на партијата на Зелените, Марин Тонделиер. Јавија британските медиуми.

Претседателот на Социјалистичката партија, Оливие Фор, изјави дека нема да се вклучи во преговорите, кои ги нарече „пародија на демократијата“.

Иако коалицијата Нов народен фронт (ННФ), која ги вклучува социјалистите, зелените и неосвоена Франција (ЛФИ), освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори одржани во јули, нивните обиди да формираат влада пропаднаа поради внатрешните борби и противењето на другите партии, соопшти агенцијата.

Кабинетот на Макрон вчера, по првата рунда консултации во Елисејската палата, објави дека претседателот одлучил да ја отфрли опцијата за формирање влада од ННФ во име на „институционална стабилност“.

„Претседателот на Републиката на крајот од консултациите утврди дека влада базирана исклучиво на програмата и партиите предложени од сојузот со најголем број пратеници, Новиот народен фронт, веднаш ќе биде цензурирана од сите други групи застапени во Националното собрание. Таквата влада веднаш би имала против себе мнозинство од повеќе од 350 пратеници, што практично би ја спречило да дејствува“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.

Францускиот претседател на 23 август разговараше со претставници на партиите застапени во Парламентот, како и со претседателите на двата дома на францускиот Парламент, со цел да се постигне договор за именување на нов премиер.

На изборите одржани на 7 јули ниту една партија не го освои мнозинството потребно за формирање влада.

ННФ освои најмногу мандати, на второ место е „Заедно“ на Емануел Макрон, а на трето екстремно десничарскиот Национален собир.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан