• среда, 25 декември 2024

Француските власти ја повратија контролата над главниот град на Нова Каледонија

Француските власти ја повратија контролата над главниот град на Нова Каледонија

Париз, 31 мај 2024 (МИА) - Француските власти во Нова Каледонија ја повратија целосната контрола врз главниот град на француската територија на Пацификот, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи и прекуокеански работи Жералд Дарманен.

Во Нова Каледонија две недели траеја немирите, во кои загинаа седум лица, а беа предизвикани многу штети во тој дел од архипелагот, каде со децении владее тензија меѓу поддржувачите на независноста и оние кои и се лојални на Франција.

Министерот Дарманен денеска на мрежата Х изјави дека голема полициска операција била успешно спроведена во населбата Ривиер Сале, последниот дел од главниот град Нумеа, што беше под контрола на демонстрантите.

Министерот соопшти дека 400 членови на безбедносните сили на Нова Каледонија учествувале во операциите, вклучително и членови на елитната француска полиција за борба против тероризмот и организираниот криминал и слични единици на француската војска.

Во акцијата беа уапсени 12 лица и отстранети се 26 улични барикади на противниците на француската колонијална власт.

Насилството избувна на 13 мај како одговор на обидот на владата на францускиот претседател Емануел Макрон да го измени Уставот и да ги промени списоците за гласање во Нова Каледонија. Франција во оваа своја територија прогласи вонредна состојба на 15 мај и испрати стотици воени претставници за да и помогнат на полицијата да ги смири немирите, кои вклучуваа пукотници, престрелки, грабежи и палење згради.

Двете страни во конфликтот во Нова Каледонија - домородните Канаци, кои сакаат независност, и новодојденците, кои и се лојални на Франција, кренаа барикади или за да се побунат против властите или за да ги заштитат своите домови и имот.

Сепаратистичките демонстранти направија барикади од изгорени автомобили и други делови и направија делови од главниот град Нумеа во непристапни зони.

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот одлучи да ја укине вонредната состојба во Нова Каледонија за да го олесни смирувањето на состојбата и да се поведе дијалог меѓу спротивставените страни и француските власти за иднината на 270.000 жители на архипелагот.

Партиите за независност и лидерите на Канаците го повикаа Макрон да го повлече нацрт-законот за изборни реформи доколку сака да стави крај на кризата.

Противниците стравуваат дека изборниот закон ќе биде во полза на профранцуските политичари во Нова Каледонија и дополнително ќе ги маргинализира домородните Канаци, кои долго време водат кампања за ослободување од француското владеење во услови на големи економски разлики и децениска дискриминација.

Иако насилството стивна во последните денови, тензијата е висока и лидерите за независност ги повикаа поддржувачите да останат мобилизирани и да го задржат отпорот кон Франција.

Иако е укината вонредната состојба, во вечерните часови и во текот на ноќта се уште е на сила полицискиот час, а на сила се и забраните за јавни собири, транспорт и носење оружје и продажба на алкохол. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан