• сабота, 21 декември 2024

Францускиот претседател Макрон на одмор во тврдината Брегансон

Францускиот претседател Макрон на одмор во тврдината Брегансон
Париз, 30 јули 2022 година (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит пристигнаа во нивната летна резиденција, тврдината Брегансон на југот на Франција, каде што ќе бидат на одмор до втората половина на август, објавија локалните медиуми. Весникот „Ла Депеш“ објави дека Макрон како и секоја година за време на неговиот одмор во Брегансон ќе ја следи внатрешната и надворешната политичка ситуација. Владата ќе одмора до 22 август за кога е закажан состанок, додава весникот. Како што е наведено, за време на одморот Макрон ќе ги разгледа плановите за справување со енергетската криза, еколошките прашања, почетокот на учебната година и вработувањето. Тврдината Брегансон е целосно опремена за работа, меѓународни повици и следење кризни ситуации, како што беше случај минатата година кога талибанците го зазедоа Кабул. Брачната двојка Макрон традиционално летниот одмор го поминува во Брегансон. Во таа тврдина Макрон претходно примаше странски гости, така што во 2018 година таму престојуваше рускиот претседател Владимир Путин, а во 2020 година германската канцеларка Ангела Меркел. Засега не се знае дали ќе има вакви посети во текот на август. Брегансон е официјална резиденција на претседателот на Франција од 1968 година, иако таму не летуваа сите шефови на држави. Десничарскиот претседател Жак Ширак беше редовен посетител, додека неговите наследници, десничарот Никола Саркози и социјалистот Франсоа Оланд, имаа поинакви навики. паг/

Остани поврзан