• среда, 25 декември 2024

Франција се подготвува за нови штрајкови против пензиските реформи

Франција се подготвува за нови штрајкови против пензиските реформи

Париз, 7 февруари 2023 (МИА) - Франција денеска се подготвува за нови штрајкови и масовни протести против длабоко непопуларната пензиска реформа, еден ден откако пратениците почнаа да расправаат за контроверзниот закон.

Претседателот Емануел Макрон ја направи реформата централен дел на неговата кампања за реизбор минатата година и е решен да ја спроведе и покрај жестокото противење од политичката левица и синдикатите, како и од пошироката јавност.

Протестите закажани за денеска се трети вакви собири низ државата организирани од почетокот на годинава.

Според полицијата, на минатонеделните протести низ целата земја учествувале 1,3 милиони луѓе, додека синдикатите тврдат дека учествувале повеќе од 2,5 милиони луѓе. Сепак, тоа беа најголемите вакви протести во Франција од 2010 година.

Возовите и париското метро се очекува денеска повторно да имаат „сериозно нарушување“ на движењата, соопштија операторите, при што се очекува да бидат откажани околу еден од пет летови на аеродромот Орли јужно од главниот град.

Дополнителни штрајкови се планирани за в сабота, иако синдикатите на железничкиот оператор SNCF рекоа дека нема да свикаат штрајк за викендот, слободен ден во некои региони.

Предлогот на Макрон ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години - се уште пониска отколку во многу европски земји - и ќе го зголеми бројот на години на луѓето да плаќаат придонеси за целосна пензија.

Неговата владејачка партија се надева дека ќе го донесе законот со помош на сојузниците од политичката десница, без да мора да прибегнува кон контроверзните извршни овластувања за кои не е потребно гласање. Но, членовите на левата опозиција се цврсто против и имаат поднесено илјадници амандмани.

Членовите на владата на премиерката Елизабет Борн се обидоа вчера во Парламентот да ја одбранат реформата.

Како што се зголемуваше притисокот, Борн понуди клучна отстапка во неделата, велејќи дека на луѓето кои почнале да работат на 20 или 21 година ќе им биде дозволено да ги напуштат своите работни места една година порано.

Целта на Макрон е да го извади пензискиот систем од дефицит до 2030 година со наоѓање околу 18 милијарди евра годишни заштеди - главно со принудување на луѓето да работат подолго и ставање крај на некои посебни пензиски шеми. паг/

Остани поврзан