• петок, 05 декември 2025

Франција разгледува повторно отворање на затворот Клерво

Франција разгледува повторно отворање на затворот Клерво

Париз, 3 ноември 2025 (МИА) – Францускиот министер за правда Жералд Дарманен денеска соопшти дека наскоро ќе предложи состанок со локалните власти на департманот Об за да се разговара за можноста за повторно отворање на познатиот затвор Клерво, кој беше затворен во 2023 година.

Дарманен го посети објектот, поранешен манастир од 12 век што Наполеон Први го претворил во затвор, и во таа прилика рече дека наскоро ќе организира состанок со локалните власти во Париз за „заедно да разгледаат потенцијален проект“ за повторна употреба на тој простор, јави француски „Фигаро“.

- Доколку се постигне договор, би се вратил многу наскоро, можеби на почетокот на следната година, за да видам што може да се направи, рече Дарманен по обиколката.

Затворањето на Клерво првично беше објавено во 2016 година, за време на мандатот на тогашниот социјалист Жан-Жак Урвоа како министер за правда.

Директорот на регионалната администрација на затворските служби процени дека за целосно реновирање на историскиот комплекс ќе бидат потребни „десетици милиони евра“, што, според Дарманен, би одговарало на трошоците за изградба на нов затвор со висок степен на безбедност.

На 1 октомври, францускиот затворски систем имал 84.862 затвореници, со достапни 62.501 места, што значи дека пополнетоста на капацитетите била 135,8 проценти. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан