Франциско Хавиер Вера, малиот голем активист за климата на КОП26
- Младиот Колумбиец Франциско Хавиер Вера, кој има 12 години и е висок 1,40 метри, веќе е голем активист за климата кој ја брани природата со елоквентност несвојствена за деца на негова возра
12 ноември 2021
Франс прес
Младиот Колумбиец Франциско Хавиер Вера, кој има 12 години и е висок 1,40 метри, веќе е голем активист за климата кој ја брани природата со елоквентност несвојствена за деца на негова возраст, што му навлече и смртни закани во неговата татковина.
Без разлика дали зборува пред демонстранти стоејќи на улица или одговара на бројни прашања од новинарите на КОП26, ова момче зрачи со харизма на големата двонеделна конференција на ОН за климата во Глазгов, каде што ќе зборува.
„Сметам дека ние децата, за разлика од луѓето кои велат дека сме иднината, всушност сме сегашноста и јас како граѓанин имам право на мислење и глас“, изјави Франциско Хавиер Вера во интервју за Франс прес.
„Сепак, не ни дозволуваат да се изразиме“, рече момчето со румено лице и очила, жестоко гестикулирајќи.
Како доказ за своето тврдење, тој го привлекува вниманието бидејќи практично нема тинејџери на маргините на конференцијата.
Франциско Хавиер Вера е поканет од Европската унија како „амбасадор на добра волја“ во програмата „Евроклима +“, која има за цел да им помогне на земјите од Латинска Америка во борбата против климатските промени.
Младиот Колумбиец ги повикува светските лидери „да си ги исполнат ветувањата“.
„Да ги објасниш своите идеи“
Сè започна во март 2019 година, кога тогаш деветгодишниот Франциско Хавиер Вера, љубител на животните и природата, виде како Амазон и Австралија се зафатени од пожари.
Инспириран од младата шведска активистка Грета Тунберг, но и од личности како што е пакистанската добитничка на Нобеловата награда за мир Малала Јусуфзаи, тој еден ден и рекол на мајка си дека сака да основа движење за заштита на животната средина. Така се раѓаат „Чувари на животот“.
„Кога дојдов дома вечерта, тој веќе имаше направено база на податоци за луѓето во соседството, собирајќи информации од врата до врата“, вели неговата мајка Ана Марија Мансанарес, социјален работник. Пред 20 месеци, таа остави сè за да му биде придружник на нејзиниот единствен син, кој „од многу мал бил лидер“.
Таткото на Франциско Хавиер, кој е адвокат, се спротивставил на идејата поради страв од негативни последици, но на крајот на својот син му купил мегафон за демонстрациите.
Наместо да оди да игра како другите деца, Франциско организира настани како собирање ѓубре.
Тој отиде со четворица пријатели и одржа говор пред градското собрание на Вилета, мала општина која се наоѓа на околу 90 километри северозападно од главниот град Богота, демонстрирајќи ја својата извонредна елоквентност.
„Многу луѓе ме прашуваат дали ме научиле да зборувам така. Да, посетував курсеви за збогатување на речникот, но мислам дека најважно е да ги објасните вашите идеи“, вели Франциско, кој сака да чита.
На осумгодишна возраст, тој направил изложба за англискиот физичар Стивен Хокинг пред своите постари соученици. Ужива и во читањето на делата на американскиот научник Карл Сегион, објаснува неговата мајка, која има намера да му направи тест за прекумерна надареност.
„Само едно нормално дете“
Движењето на Франциско брзо станува популарно и денес веќе 400 деца се дел од него. Франциско учествува на настани со личности како што е нобеловецот за мир Хозе Рамос-Ортас, државник од Источен Тимор.
На крајот на 2019 година, младиот активист зборуваше во колумбискиот Сенат против хидрауличното разбивање и пластиката за еднократна употреба, но не успеа да ги убеди пратениците.
„Тажен сум поради фактот што политичарите не ги слушаат граѓаните“, рече Франциско, според кого политичарите не се свесни за природата на климатските проблеми.
Тој вели дека самиот го констатирал намалувањето на биолошката разновидност во водопадите на Вилета.
Неговата мајка делува како „безбедносна бариера“ за лавина луѓе кои сакаат да контактираат со него, вклучително и на социјалните мрежи, каде Франциско добива смртни закани само затоа што сака да се гарантира пристапот до интернет за децата да можат да учат од далечина.
Кога ќе порасне, сака да стане политичар, но засега тврди дека е „обично дете“ кое игра кошарка со пријателите и игра видео игри. паг/