• сабота, 23 ноември 2024

Форум на жени на ЛДП: Постојано говориме за родова еднаквост, но потребни ни се реални иницијативи

Форум на жени на ЛДП: Постојано говориме за родова еднаквост, но потребни ни се реални иницијативи

Охрид, 30 октомври 2022

Иницијативи за подобрување на животот на жената во Северна Македонија во социо-економската сфера, здравството, образованието, животната средина, креираа 20 либерал демократки од Форумот на жени на ЛДП во Охрид на конференцијата „Како до ефикасни и инклузивни политики?“ поддржана од Фондација Фридрих Науман.

- Ние жените треба да се поддржуваме една со друга, да си подадеме рака. Континуирано говориме за родова еднаквост но потребни ни се реални иницијативи како вистински да ги поттикнеме жените за вклученост во процесот на креирање на политики. Навистина сум горда на нашите либерал демократки во Македонија со кои заедно овие три дена говоревме и практично креиравме реални нови политики кои ќе бидат промовирани и за чија имплементација партијата ќе се заложува, истакна Моника Зајкова, потпретседателката на ЛДП.

Зајкова на конференцијата ја доби поддршката од Форумот на жените, за кандидат за идна и прва претседателка жена на либералите во земјава на претстојното осмо Собрание на ЛДП.

- Се покажа во изминативе децении дека и најдобрите реформи не успеале да ја добијат поддршка кај граѓаните и граѓанките токму поради лошата комуникација и немањето на инклузивност во процесите. Истовремено, неопходно да се надмине поларизацијата која е сѐ поприсутна, а која создаде толку длабоки поделби од кои наскоро ќе нема враќање назад, рече еден од предавачите, комуникологот Бојан Кордалов,  специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Тој на жените им порача дека само преку креирање на политики кои ги вклучуваат различните ставови и мислења на луѓето можеме да направиме позитивна промена во општеството, а токму жените и младите треба да бидат движечката сила која ќе ги спречи ваквите негативни процеси, а сите многу да придонесуваме и вложуваме со цел градење на капацитети и целосна поддршка во реализација на нови иницијативи.

Генералната секретарка на Форумот Евдокија Тасевска говореше за потребата за подобрување на функционирање на Форумот, додека пак Виолета Здравковска членка на ИО на Форумот говореше за зајакнувањето на политичко учество на жените преку искуства и практики и градење на личен политички бренд.

Либерално демократска партија ________________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан