• сабота, 23 ноември 2024

Формирано Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот

Формирано Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Од денеска почнува со работа новоформираното Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот, како иницијатива од програмата за работа на новата Влада. Со Националното координативно тело ќе раководи министерката за образование и наука Весна Јаневска, а во него има и заменик претседател и 30-тина членови. Координативното тело ќе има обврска на секои шест месеци да доставува извештај до Владата.

По одржувањето на конститутивната седница, министерката Јаневска нагласи дека ова тело е формирано за првпат во мандатот на една Влада, кое, како што рече, ќе има задача да работи на подигнување на девастираниот високообразовен систем и да обезбеди одржливост на квалитетот, како и да ги подобро вложувањата во науката и условите за научно истражувачка работа во државата.

- Се работи за инклузивно тело, во кое членуваат претставници на институции како МОН и Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, претставници на универзитетите и Интеруниверзитетската конференција, на бизнис заедницата и граѓанските здруженија. Од секого се очекува непристрасност и застапување не на лични или интереси на потесни групи, туку заложба за генерална промена на состојбите во корист на сите и во корист на државата. Ќе ја проверуваме законитоста на работата на установите, исполнетоста на условите за работа, ќе направиме ревизија на квотите за упис на факултети, стимулација на унапредувањето на студиските програми и креирање интердисциплинарни студиски програми. Ќе поддржиме поврзување со бизнис заедницата, поголема меѓународна соработка и учество во програми за образование, наука и истражување и така натаму, рече Јаневска.

Оваа иницијатива, според министерката, влева надеж за сериозно јакнење на образованието и науката како основни столбови на кои треба и ќе се потпира севкупниот развој на државата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска истакна дека нашите студенти одат да студираат во странство не затоа што им е поевтино, туку, како што рече, бидејќи се незадоволни од квалитетот на образованието.

- Според моите информации, студентите одат да студираат во странство не затоа што таму им е поевтино, туку затоа што не се задоволни од квалитетот на образование што го добиваат или од студиските програми што универзитетите им ги нудат. Ќе разговараме и за облиците на студентски стандард кои би можеле да им ги понудиме на студентите за тие да бидат позадоволни од сместувањето, исхраната, како и за некои други погодности што ги бараат, рече Јаневска.

Во однос на огромниот број на државни и приватни универзитети во земјава, министерката рече дека тие што ги исполнуваат условите и легално работат, ќе може да опстојуваат.

- Ова тело е формирано за да овозможи да се олеснат одредени процедури во кои ќе обезбедиме легално работење на универзитетрите, соодветни модерни програми и подобрување на работната сила на пазарот на труд. Повеќе пати имаме кажано дека сите универзитети, јавни или приватни, ќе треба да работат по закон и да ги исполнуваат сите законски услови што се предвидени. Тука можеби ќе има одредени промени, но тие нема да бидат значајни барем во однос на законското работење на универзитетите, рече таа.

Министерката соопшти дека треба да се формира и работна група од експерти којашто ќе работи на предлози околу финансирањето на универзитетите.

Јаневска нагласи дека во новиот буџет на МОН двојно се зголемени средствата предвидени за науката.

- За среќа, оваа година Министерството добива релативно голем буџет кој е неопходен за функционирање на Министерстовто и зголемени се средствата за наука, речиси дупло, така што од 380 милиони, во моментов се наоѓаме на 680 милиони. Тие средства ќе бидат упатени кон научните институции, но ќе бидат рапсределени и за проекти со кои истражувачите ќе конкурираат. Тука спаѓаат и дел од стипендиите за второстепени и трет циклус на студии каде што очекуваме дел од тие луѓе кои ќе ги завршат овие студии да се вклучат во научната работа, рече министерката.

Солза Грчева, национален координатор за образование и заменик-претседателка на Националното координативно тело нагласи дека Владата ќе работи на решавањето на системските проблеми во образованието.

- Нашето образование измерено во однос на многу европски земји, но и во однос на балканското опкружување, е рангирано многу ниско. Тоа се напластени, системски проблеми. И ако нешто е добро е тоа што оваа Влада се зафаќа со решавање токму на системските проблеми, а не на козметички проблеми кои нема да решат ништо од денеска за утре. Работиме многу сериозно на системски проблеми како на пример како се доведовме во ситуација да имаме најголем број државни и приватни универзитети во една толку мала земја, како се доведовме во ситуација да имаме најголем број на студиски програми, а студентите кои завршуваат факултет немаат оформено струка, значи не можат да бидат примени, апсорбирани веднаш од стопанството. Како се доведовме до тоа сите да се запишуваат на таканаречени академски студии, а универзитетите да не покажуваат интерес да отвораат таканаречени куси професионални студии  каде што нема потреба студентот и неговото семејство да трошат пари за петгодишни студии. Тоа се суштински реформи на кои работиме, рече Грчева. 

Друга суштинска реформа, како што рече Грчева, на која што работат е да ги заострат критериумите за напредување во научни звања. - Имаме огромен број на редовни професори и немаме подмладок на факултетите, бидејќи целиот буџет се апсорбира кај овие повисоки звања на професори со сомнителни резултати, кои се унапредиле со сомнителни резултати. Таквите професори ни оневозможуваат да ги развиеме програмите како на пример Еразмус плус, бидејќи таа програма не е еднонасочна улица во која нашите ќе се иселуваат и ќе одат по разни универзитети, а кај нас нема да доаѓаат странски студенти затоа што имаме професори кои нудат застарени знаења, кои не знаат странски јазик итн, рече таа. фф/бак/

Фото: МИА/МОН

 

Остани поврзан