• среда, 25 декември 2024

Фон дер Лајен: Со ИГБ започнува новата ера на енергетски план за Бугарија и ЕУ

Фон дер Лајен: Со ИГБ започнува новата ера на енергетски план за Бугарија и ЕУ
Софија, 1 октомври 2022 (МИА) - Со денешниот почеток на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ) започна нова ера за Бугарија и ЕУ, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето на церемонијата на пуштањето во работа на интерконекторот, што се одржа во Националната палата на културата во Софија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Фон дер Лајен нагласи дека гасоводот ќе биде важен фактор против „застрашувачката енергетска војна на Русија против ЕУ“. - Гасоводот ќе донесе слобода од руската енергетска зависност. Европа може да се ослободи од руската енергетска зависност и заедно ќе направиме силна Енергетска унија. Руската енергетска уцена во Европа мора да престане, истакна претседателката на Еврокомисијата. Фон дер Лајен потсети дека 80 отсто од гасот што го користеше Бугарија го добиваше од Русија. - Ова беше пред Путин да реши да започне енергетска војна против Европа. Овој гасовод ги менува правилата на игра и за Бугарија и за енергетската безбедност на Европа. Овој проект значи ослободување од зависноста од рускиот гас. Овој интерконектор може да ја покрие целата потрошувачка на гас на Бугарија, што е одлична вест во овие тешки времиња, посочи таа. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во обраќањето на церемонијата изјави дека гасниот интерконекторот меѓу Грција и Бугарија ќе има многу сериозна улога во спроведувањето на енергетската безбедност и диверзификација, не само за Бугарија, туку и за Балканот и Централна Европа. - Азербејџанскиот гас е на пазарот. Азербејџан е сигурен партнер и снабдувач на гас за ЕУ, изјави Алиев, додавајќи дека Баку е подготвен да ги зголеми резервите на гас од 16 милијарди на 27 милијарди кубни метри гас. Тој нагласи и дека Азербејџан има потенцијал да извезува електрична енергија во ЕУ добиена од ветерни електрани, но само се бара опција како таа да се транспортира. нк/сп/

Остани поврзан