• сабота, 23 ноември 2024

Фондацијата „Елеуса“ ја почна кампањата „Подари дел од својата трпеза, нахрани гладен“

Фондацијата „Елеуса“ ја почна кампањата „Подари дел од својата трпеза, нахрани гладен“

Струмица, 13 декември 2023 (МИА) - Фондацијата „Елеуса“ почна голема хуманитарна акција под мотото „Подари дел од својата трпеза, нахрани гладен“. Во поголем број маркети низ Струмица се поставени корпи во кои граѓаните може да оставаат прехранбени продукти, кои потоа ќе бидат доставени до најсиромашните наши сограѓани за претстојните божиќни празници, соопштија денеска од Фондацијата.

Упатуваат огромна благодарност до нивните партнери, чиј број се зголемува од година во година, а општествено одговорните компании не ги забораваат луѓето кои страдаат.

-За жал, бројот на гладни наши браќа и сестри секојдневно расте. Оваа кампања е со цел да ни ги отвори срцата да сострадуваме и да покажеме дека во нас сè уште има љубов и дека не сме го изгубиле човечкото, дека не можеме да бидеме спокојни што некој заспива гладен, дека не ни е сеедно што има дечиња кои поминуваат со еден оброк или без ниеден, велат од Фондацијата.

Собраната храна ќе биде употребена за подготовка на Божиќните пакети, кои ќе ги добијат околу 160 семејства во Струмица и населените места кои гравитираат кон Струмичката православна епархија, а акцијата „Подари дел од својата трпеза, нахрани гладен“ ќе трае до крајот на месецот. рт/цр

Фото: Фондација „Елеуса“

Остани поврзан