Фондацијата „Бел Идеал“ повторно овозможи бесплатни часови по француски јазик за ученици од Крива Паланка
- Триесет ученици од основните училишта во Крива Паланка и годинава добија можност за бесплатно изучување на францускиот јазик и култура преку Фондацијата „Бел идеал“ од Франција. Четврта учебна година по ред оваа фондација овозможува бесплатна сесија за изучување француски јазик за основците од Крива Паланка, со цел поттикнување љубов кон франкофонијата, францускиот јазик и култура, во соработка со професорката по француски јазик, Елена Николовска.
Крива Паланка, 24 септември 2025 (МИА) - Триесет ученици од основните училишта во Крива Паланка и годинава добија можност за бесплатно изучување на францускиот јазик и култура преку Фондацијата „Бел идеал“ од Франција. Четврта учебна година по ред оваа фондација овозможува бесплатна сесија за изучување француски јазик за основците од Крива Паланка, со цел поттикнување љубов кон франкофонијата, францускиот јазик и култура, во соработка со професорката по француски јазик, Елена Николовска.
-Оваа е четврта генерација ученици кои преку програмата за сензибилизација на фондацијата, низ интерактивни работилници и едукативни активности се запознава со основата на францускиот јазик и ја изучува француската култура. Досега околу деведесетина ученици од четврто и петто одделение од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка посетуваа часови што ги овозможи „Бел Идеал“, на иницијатива на претседателката на Фондацијата, Јадранка Бојковска -Бенреждал. Активностите имаат за цел промоција и афирмација на француската култура и јазик, а ова претставува директна поддршка на сите млади што имаат интерес за франкофонијата. Бесплатното изучување на јазикот е овозможено преку неделни часови низ иновативни и интересни методи, со што отвораме нови можности и перспективи за овие млади личности, информира професорката Николовска која ги реализира часовите како долгогодишен соработник на фондацијата и амбасадор на францускиот јазик.
Часовите се одржуваат во училиштето за странски јазици „Оксфорд“, а иницијативата има поддршка од Француската амбасада, Францускиот институт во Скопје, но и од Општина Крива Паланка, професорите по француски јазик и директорите на училиштата.
-Ваквата иницијатива придонесува за зголемен интерес за изучување на францускиот јазик кај младите, а фондацијата „Бел Идеал“ редовно овозможува и бесплатен летен камп за најдобрите франкофони од сите училишта во Македонија кои постигнале високи резултати на државните натпревари по француски јазик, како и наградно патување во Париз, додаде Николовска.
Фондацијата „Бел идеал“ спроведува повеќе активности за поддршка на франкофонијата во државата, како: донации на учебници, речници и наставни материјали за потребите на библиотеките ширум државата, како и редовни настани за најактивните професори по француски јазик.ид/вј/
Фото: „Бел идеал“