• понеделник, 23 декември 2024

Фондацијата „Бел идеал" овозможи бесплатен летен камп за најдобрите млади франкофони

Фондацијата „Бел идеал

Крива Паланка, 27 јуни 2024 (МИА) - Дваесет ученици од основните и средни училишта во Северна Македонија учествуваат на бесплатниот летен франкофонски камп во Охрид, во организација на Фондацијата „Бел Идеал", Париз, Франција.

Еднонеделниот камп што ќе трае до 2 јули официјално го отворија амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер и претседателката на фондацијата „Бел Идеал", Јадранка Бојковска Бенрејдал.

-На кампот чијашто реализација почна вчера учествуваат дваесет ученици од девет македонски градови, победници на државните натпревари по француски јазик организирани од Здружението на професори по француски јазик на Република Северна Македонија: натпревар во фотопрезентација и спелување за основни и средни училишта, натпревар за пеење во основни училишта, а имаме и петмина учесници што беа најдобри од вкупно 130 на националната франкофонска вечер. Учениците се групирани во три групи во боите на француското знаме: сини, бели и црвени, поделбата е извршена според нивото на познавање на францускиот јазик, а сите ќе следат бројни работилници на француски јазик кои вклучуваат театарски претстави, креативно пишување, рачни изработки, поентилизам и запознавање на франкофонската музика, информира Бојковска-Бенрејдал.

Сите ученици ќе имаат активности за претставување на нивните градови на француски јазик, слободни активности за друштвени игри, запознавање на убавините на Охрид и забава на брегот на Охридското Езеро. 

Фондацијата „Бел Идеал" континуирано работи на поддршка и промоција на младите франкофони, втора година по ред го реализира бесплатниот летен франкофонски камп, редовно, веќе три години го имплементира проектот за сензибилизација со кој четириесетина ученици, четврто и петтоодделенци од основните училишта во нејзиниот роден град, Крива Паланка, бесплатно ги изучуваат францускиот јазик и култура, реализира и посебна поддршка и наградна програма за професорите по француски јазик од Северна Македонија, а следниот месец петнаесетина франкофони од државата ќе добијат наградно патување во Париз. ид/дма/

 

Остани поврзан