• сабота, 23 ноември 2024

Фондацијата „Атанас Близнакоф“ додели 135 стипендии на студенти на УКИМ

Фондацијата „Атанас Близнакоф“ додели 135 стипендии на студенти на УКИМ
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Доделени се 135 стипендии на студенти од првиот циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Годишно секој студент ќе добие 120.000 денари стипендија како поддршка за своите студии. Стипендиите се обезбедени од фондацијата „Атанас Близнакоф“, која заедно со организацијата Македонија 2025 и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги додели овие стипендии како поддршка за новите академски граѓани. -Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои се запишани на прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои постигнале исклучителни резултати и успех во претходниот циклус на образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на сопственото образование. Стипендистите се од различни делови на Македонија, со речиси еднаква родова и етничка застапеност, информираат од Македонија2025. Иако првично било планирано да бидат доделени 40 стипендии, фондацијата „Атанас Близнакоф и семејството, одлучиле оваа година бројот на доделени стипендии да се зголеми, односно да се поддржат сите апликанти кои се пријавија на овој конкурс. -Сметаме дека овие млади мотивирани луѓе, кои потекнуваат од социјално-ранливи семејства, заслужуваат да им се даде можност да го продолжат своето образование на факултет по нивен избор, со што би го поддржале нивниот професионален развој и успех. Убедени сме дека овие млади таленти во иднина ќе бидат успешни професионалци, кои ќе придонесат за понатамошен развој и напредок на Македонија, изјави Митре Кутановски, коосновач на Македонија2025, претставник на семејството на Атанас Близнакоф и претставник на фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД. Во своето обраќање ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, даде кратка ретроспектива за животот и делото на Атанас Близнакоф, како и околу иницијативата и целите за основање на фондацијата Атанас Близнакоф. -Овој хуман гест, прв во историјата на нашиот универзитет има двојно значење, првото содржано во самата намена на фондот, желбата на Атанас Близканоф да го стимулира тоа што е за секој народ најдрагоцено и најпотребно – знаењето, а второто е создавање на една традиција во нашиот образовен и културен живот се манифестира љубовта и приврзаноста на нашите сонародници кон својата земја“. Понатаму тој истакна дека од периодот 1977 година до 2000 год корисници биле над 269 стипендисти, додека од 2000 – 2010 година фондацијата има поддржано над 250 студенти на УКИМ, истакна проф. д-р Јанкуловски. Во име на Македонија 2025, проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски изрази големо задоволство од доверената можност на организацијата да го прошири своето портфолио на образовни програми и да се вклучи во процесот на промоција и селекција на кандидатите за стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“. -Македонија2025, преку најновата е-алатка Платформа за е-стипендии обезбеди висока транспарентност и објективност на процесите, истакна Мојсовска Блажевска и додаде дека радува фактот што иселениците не ја забораваат својата татковина и даваат поддршка особено за развој на човечкиот потенцијал во земјата. Фондацијата „Атанас Близнакоф“ e основана во 1977 година од еден од најголемите донатори од дијаспората. Стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат од камати и од дивиденди на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ во САД. Во 2018 година се формираше сестринска фондација во САД со што се ослободени пет милиони американски долари кои од смртта на Близнакоф во 1998 година стоеле блокирани во САД.ир/са/

Остани поврзан