• среда, 25 декември 2024

ФИТР објави повик за воспоставување на лаборатории за млади, обезбедени девет милиони денари

ФИТР објави повик за воспоставување на лаборатории за млади, обезбедени девет милиони денари
Скопје, 17 мај 2021 (МИА) – Фондот за иновации и технолошки развој објави јавен повик за воспоставување на две лабoратории за производство „Младите создаваат“ каде младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип и да тестираат некое свое иновативно решение. За оваа цел се обезбедeни девет милиони денари. ФИТР обезбедува до 90 проценти од кофинансирањето, во максимален износ од 4,5 милиони денари, додека останатите десет проценти треба да ги обезбеди апликантот. Директор на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров, рече дека лабораториите ќе бидат лоцирани во високообразовните институции и научно-истражувачите центри и ќе претставуваат простор за соработка меѓу академијата, индустријата и граѓанските здруженија. - Лабораториите воспоставени преку овој повик на средношколците, студентите и младите ќе им овозможи пристап до современи технологии како 3Д принтери и ласерски машини со кои ќе може да ги материјализираат своите иновативни идеи, нагласи Петров. Лабораториите со почетокот на новата учебна година ќе бидат искористени како пилот, врз основа на чие искуство ќе биде воспоставен механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип лаборатории и обезбедување нивна одржливост. Раководителот на Сектор за програми во областа на образование, истражување, развој и иновации Катерина Кречева, рече дека со средствата од повикот ќе се финансираат активности за воспоставување, односно опремување на лабораториите, како и за спроведување на менторските програми, наменети за младите, додека како натпреварувачи може да се јават јавните високообразовни институции и здруженијата на граѓани кои работат во областа на млади, истражувања, развој и иновации. -  Лабораторијата ќе треба да има ласерска машина за сечење во 2Д и 3Д, 3Д печатар, ЦНЦ машина со висока точност на обработка, машина со рутер за обработка на дрво. Оваа листа со опрема ќе може да биде прилагодена согласно програмата предложена од натпреварувачите, изјави Кречева. Изборот на проектите ќе биде во три фази – оценување и проверка на документација, потоа оцена на предлог проектите и потоа избор на најдобрите преку презентација на претселектираните предлог проекти пред Комисија за оценување и избор. Рокот за аплицирање е до 20 јули 2021 година, а начинот и сите услови за аплицирање на повикот се објавени на веб страницата на ФИТР. аа/дма/

Остани поврзан