Финска размислува повторно да воведе противпешадиски мини иако се забранети
- Финска планира повторно да воведе противпешадиски мини во својот арсенал, и покрај Конвенцијата од Отава која ги забранува во повеќето земји во светот.
Хелсинки, 28 ноември 2024 (МИА) – Финска планира повторно да воведе противпешадиски мини во својот арсенал, и покрај Конвенцијата од Отава која ги забранува во повеќето земји во светот.
Одбранбените сили на Финска од летото проценуваат дали се неопходни противпешадиски мини, соопшти Министерството за одбрана на земјата.
- Таа ревизија е мотивирана од лекциите од војната во Украина и деградацијата на безбедносната ситуација, соопшти Министерството, додавајќи дека извештајот за тоа ќе биде објавен следната година.
Финска ја потпиша Конвенцијата во 2012 година, но смета дека меѓународната безбедносна ситуација денес веќе не е иста. Оттогаш Хелсинки ги уништи сите мини што ги имаше, околу еден милион.
Нордиската земја, која има 1.340 километри граница со Русија, се откажа од децениската воена неврзаност и се приклучи на НАТО по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во Финска е во тек „сериозна дискусија за нагазни мини“, изјави премиерот Петери Орпо на своите нордиски и балтички колеги на вчерашната прес-конференција во Шведска.
Конвенцијата од Отава беше прифатена од 164 држави и територии во светот, вклучително и Украина, но не и САД или Русија. Со документот се забранува стекнување, производство, складирање и користење на противпешадиски мини.
Киев ја обвинува Москва дека спроведува „геноцидни активности“ со употреба на противпешадиски мини во Украина. јт/
Фото: ЕПА архива