• вторник, 26 ноември 2024

Финансиската писменост во малите и средните претпријатија во земјава повисока од земјите во регионот

Финансиската писменост во малите и средните претпријатија во земјава повисока од земјите во регионот

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Финансиската писменост на менаџерите и сопствениците на микро, малите и средните претпријатија е повисока од просекот на земји од регионот, покажува анализата за финансиската писменост во Југоисточна Европа спроведена лани од Организацијата за економска соработка и развој.

Највисоките оцени се остварени за компонентата финансиско однесување, потоа финансиските знаења и финансиските ставови, при што сите компоненти се малку над или на ниво на регионалниот просек.

- Во споредба со Г-20 земјите, просечната оценка за регионот е пониска за 7 п.п., што упатува на потребата од зајакнување на финансиските вештини и стратешки пристап за зголемување на финансиската писменост на менаџерите на ММСП, со цел да се зајакне долгорочната деловна отпорност на овие фирми. Споредбата на нашите резултати во однос на свесноста на ММСП за финансиски производи покажува дека свесноста на сопствениците и менаџерите на ММСП коишто користат кредити за финансирање на бизниси во нашата земја е повисока во споредба со региналниот просек, додека во останатите оценувани параметри-свесноста за финансирање со капитал и други видови на финансирање и свесноста за справување со ризици, оценките се малку пониски или соодветствуваат со резултатите во регионот. Наодите упатуваат на придобивките од натамошен развој на пазарот на капитал и алтернативните начини на финансирање, со цел проширување на финансиските опции за ММСП, нивните сопственици и менаџери, велат од Народната банка.

Во однос на дигитализацијата, просечната оценка е малку пониска во однос на регионот. Притоа, оценето е дека дигитализацијата на ММСП во регионот заостанува зад развиените земји, што упатува на потребата од понатамошно унапредување.

- Наодите и заклучоците во Извештајот нудат корисни докази за поддршка на понатамошната работа на финансиска едукација и финансиска инклузија на ММСП, во согласност со националната Стратегија. Ова би создало предуслови за подобрување на пристапот до финансии од страна на ММСП. Активностите во оваа сфера се очекува да придонесат за одржлив развој на овој сегмент и на економијата во целина, оценува Народната банка.

Извештајот бил презентиран вчера на средбата на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, на која присуствувал и претставник на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

На средбата било презентирано и искуството во Унгарија од примената на апликацијата за финансиска едукација „Learning-by-doing-financial education“, со што приватниот и граѓанскиот сектор.

Преку овие работни средби коишто се одржуваат два пати годишно се овозможува редовен дијалог меѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активностите за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите во финансискиот систем. бак/сп/

Фото: Народна банка

Остани поврзан