Филков учествува на министерски форум во Будва ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи
- На вториот ден од форумот посветен на правда, министерот Игор Филков во своето обраќање се осврнал на две теми - „Правдатa во дигитална ера” и „Прекуграничната соработка во кривичната материја помеѓу партнерите од Западен Балкан”.
Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков учествуваше на дводневниот министерски форум ЕУ - Западен Балкан за правда и внатрешни работи што се одржува во Будва.
Како што соопшти Министерството за правда, на форумот била реафирмирана силната регионална посветеност и блиската соработка за правда и за внатрешни работи.
-Европската Унија и Западен Балкан разговараа за неодамнешните случувања во врска со дигитализацијата на правдата и остварија размена на мислења за можностите и главните предизвици на потенцијалот за користење на интероперабилни решенија и нови дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Европската Унија обезбеди ажурирање за тековните дискусии во ЕУ, меѓу другото и за напорите за дигитализација на правосудните системи и за електронските докази. Учесниците беа информирани и за Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото, соопшти Министерството за правда.
На вториот ден од форумот посветен на правда, министерот Игор Филков во своето обраќање се осврнал на две теми - „Правдатa во дигитална ера” и „Прекуграничната соработка во кривичната материја помеѓу партнерите од Западен Балкан”.
-Со оглед на огромното значење на дигитализацијата во 21 век, евидентно е дека е нужно да се изнајдат начини како да се воспостави е-правда која пред се ќе биде инфраструктурно поддржана, но и во функција на остварување на загарантираните човекови права и владеењето на правото. Заради тоа, потребни се напори во изнаоѓање на решенија кои ќе соодветствуваат на развојот на дигиталната технологија визави зајакнувањето на правосудниот систем. Република Северна Македонија ги препозна предизвиците и можностите кои доаѓаат со дигиталната трансформација, што е и пресликано во Национална стратегија за информатичко-комуникациска технологија 2023-2027. Во делот на правдата, во рамките на Министерството за правда е развиена Стратегија за дигитализација во правосудството за периодот 2019-2024. Секако, во оваа транзиција се соочуваме и со многу предизвици. Потребни се дополнителни инвестиции во технолошка опрема и обука на кадрите, за што несомнено е потребна финансиска и инфраструктурна поддршка. Неопходно е и да се осигураме дека сајбер-безбедноста е на највисоко ниво, за да ги заштитиме податоците и правата на сите граѓани, рекол Филков.
Министерот за правда се осврнал и на прекуграничната соработка во кривичната материја. Посебен акцент бил ставен на законските измени за заштитата на правата на жртвите во прекугранични случаи, надоместот на штета, како и соработката на нашата држава преку Европравда.
-На маргините на дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржа во Будва, министерот за правда Игор Филков оствари три билатерални средби - со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и со министрите за правда на Унгарија и Црна Гора, Бенце Тузсон и Бојан Божовиќ, информира Министерството за правда. хс/ цр
Фото: Министерство за правда