• вторник, 21 април 2026

Филков пред амбасадорите на ЕУ: Реформите во правосудството се наш врвен приоритет

Филков пред амбасадорите на ЕУ: Реформите во правосудството се наш врвен приоритет

Скопје, 20 април 2026 (МИА) - Министерот за правда, Игор Филков, на денешното обраќање пред амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, ја потврди цврстата посветеност на Владата кон реформите во правосудството.

Наш фокус во овој период се мерките со рок до јуни 2026 година. Работиме интензивно, со јасна динамика и мерливи резултати - истакна Филков.

Тој информира дека Министерството за правда активно работи на измени на Изборниот законик, усогласени со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што формираната работна група веќе одржала неколку состаноци и усвоила значаен дел од предложените решенија.

- Процесот е активен, транспарентен и насочен кон консензус. Консултациите со институциите и граѓанскиот сектор се во тек и ќе продолжат со засилен интензитет- нагласи министерот.

Осврнувајќи се на реформите во судството, Филков посочи дека Законот за Судскиот совет веќе дава конкретни резултати.

- Воведовме јасни критериуми, мерливи стандарди и отчетност онаму каде што претходно недостигаа. Тоа е доказ дека реформите не остануваат само на хартија - рече тој.

Министерот потенцира дека клучните закони за јавното обвинителство, кои добија позитивно мислење од Венециската комисија, се соочуваат со предизвици во собраниската процедура.

- За жал, во текот на собраниската процедура опозицијата одлучи да го блокира носењето на овој клучен реформски закон за Јавното обвинителство. Иако од наша страна беа прифатени поголем дел од нивните амандмани, наместо конструктивен придонес, за жал, тие одлучија да ја закочат европската перспектива на нашата земја - посочи  Филков додавајќи дека „одговорноста за европската иднина е заедничка, а нашата определба останува непоколеблива“.

Истовремено, како што посочи, Министерството за правда продолжува и со други системски решенија.

- Во контекст на обезбедување на финансиските предуслови за функционално правосудство, изготвен е нов предлог-закон за судски буџет. Се предвидува воспоставување независен и стабилен систем на финансирање и зајакнување на улогата на Судскиот буџетски совет. Акциски план за борба против корупција во судството 2026 - 2029 година. Зајакнување на капацитетите за борба против организирниот криминал преку планирано вработување финансиски експерти и дигитални форензичари - итакна Филков.

Особено значајна, како што посочи, е и подготовката на новиот кривичен законик, кој е во процес на усогласување со најновите директиви на Европската Унија, вклучително и во областите на борбата против корупцијата, конфискацијата на имот, еколошкиот криминал. Дополнително, се вршат и усогласувања во согласност со нацрт-националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 - 2033 година.

Паралелно се подготвува и нов закон за кривична постапка, кој ќе биде усогласен со европските стандарди и меѓународната пракса. И двата закони ќе бидат испратени на мислење до Европската комисија.

Министерот Филков им се заблагодари на меѓународните партнери за континуираната поддршка нагласувајќи дека соработката со Европската Унија останува клучна за успешна реализација на реформската агенда. дма/

Фото: Минитертво за правда

Остани поврзан