Филков за изборот на Данка Ристова за член на Судскиот совет: Не е убаво да се анатемисува жена со 35 години искуство во судовите
- Ние не бираме членови на Судскиот совет. Не е убаво да се анатемисува жената која има 35 години искуство во судовите, која има почнато како обичен приправник и ги има поминато сите потребни инстанци, посочи денеска од собраниската говорница министерот за правда Игор Филков, во одговор на пратеничко прашање во врска со изборот на Данка Ристова за член на Судскиот совет.
Скопје, 16 јануари 2025 (МИА) - Ние не бираме членови на Судскиот совет. Не е убаво да се анатемисува жената која има 35 години искуство во судовите, која има почнато како обичен приправник и ги има поминато сите потребни инстанци, посочи денеска од собраниската говорница министерот за правда Игор Филков, во одговор на пратеничко прашање во врска со изборот на Данка Ристова за член на Судскиот совет.
На денешната собраниска седница, каде на дневен ред се пратеничките прашања, пратеникот на СДСМ, Борче Цветковски упати пратеничко прашање до Филков во врска со изборот на член на Судски совет и притоа обвини за партиска интервенција и узурпација на извршната, законодавната и судската власт.
-Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е јасна потврда за ова што го говорам. Ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија. Како што беше во времето на Груевски, така и денес, сакате судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Истото се случи и во Советот на јавни обвинители. За член на Советот на јавни обвинители избравте член кој самиот се претстави како координатор на политичка партијата, посочи Цветковски.
Министерот Филков во својот одговор напомена дека тие не можат да влијаат на изборот на судиите.
-Да сум јас на ваше место, во наредните година до две, нема да зборувам за право и правна држава. После тоа што и го направивте на државата, после тие неправди направени со години наназад, ова доаѓа малку лицемерно од ваша страна. Народот гледа и цени. Не е убаво да се атакува жената која има 35 годишно искуство во судовите. Која има почнато како обичен приправник и заврши како претседател на суд. Ги има поминато сите инстанци. Тоа е многу лоша пракса, која што веројатно вие сте научени да ја практивувате во вашето време. Тоа време сега заврши и работите се менуваат, рече Филков.
Тој уште еднаш потенцираше дека не можат да влијаат на изборот на судиите и подвлече дека во моментот е потребно да се стави фокусот на измените на Кривичниот законик.
-Ние не бираме членови на Судски совет. За конкретниот случај, станува збор за двајца судии избрани од редовите на судиите. За едниот судија кој што е избран од редот на малцинствата, гласаа сите судии во Македонија. За вториот случај, кој што доаѓа од штипското апелациско подрачје, станува збор за судија со 35 годишно искуство за кое што гласаа 39 судии, од можни 40 пријавени. Почитуваната судијка доби 27 гласа. Другите двајца имаа по еден, едниот имаше три и последниот имаше пет. Зарем мислите дека јас како министер за правда или кој било од Владата може да влијае на оние судии кои вие сте ги назначиле и сте ги унапредиле изминатите десет години? Сме се нафатиле и ќе ги оправиме сите работи кои вие сте ги згрешиле. Да знаете дека измените во Кривичниот законик доаѓаат и правда ќе има, потенцираше Филков.
Собраниската седница посветена на пратенички прашања ќе продолжи во 15:30 часот, по пауза од еден час. бт/ац/
Фото: принтскрин