• понеделник, 23 декември 2024

Филипче: 20 отсто од дијагностицираните изминатите денови имаат британска мутација на Ковид-19, 30000 граѓани аплицирале за вакцинирање

Филипче: 20 отсто од дијагностицираните изминатите денови имаат британска мутација на Ковид-19, 30000 граѓани аплицирале за вакцинирање
Скопје, 11 февруари 2021 (МИА) - Околу 30 000 граѓани ја пополниле апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19. Ова вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 го истакна министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека 20 отсто од дијагностицираните случаи во изминатите денови имаат британска мутација на вирусот. Филипче рече дека засега нема потреба од  нови дполнителни рестриктивни мерки. - Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина. Сепак станува збор за еден нов продукт, за почеток на производство. Буквално сите земји се соочуваат со истиот проблем и со истиот предизвик, потенцира Филипче. Најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт договор со компанијата „Фајзер“. - Во овој момент завршуваме еден проект кој е финансиран од ЕУ, а тоа е за поврзување со Грција на електронските досиеја на нашите граѓани. Проектот требаше да заврши во јуни лани, го одложивме за јуни годинава. Електронското досие на нашите граѓани кои ќе патуваат доколку им треба здравствена услуга во Грција ќе биде на располагање и обратно на грчките граѓани тука кај нас. Еден одличен проект кој без оваа административна работа, која ја имаат и докторите во Грција нема да биде возможен. Така се гради електронското досие, тоа е суштината на електронското здравство, додаде Филипче.
Во однос на реакциите по вакцината, Филипче рече дека нема нешто што отскокнува, нешто ризично или застрашувачки. Реакциите се вообичаени, досега нема публикации кои укажуваат на нешто невообичаено во споредба со другите вакцини. Конкретно, рече Филипче, во 2019 во МАЛМЕД од други вакцини има само еден случај на несакани дејства и нагласи дека станува збор за прилично сигурен начин и развој на вакцини.
-Станува збор за имитација на инфекција, значајно ослабен вирус, тоа што може да се случи е мала треска, температура, црвенило. Не е публикувано за некакви сериозни несакани дејства, рече Филипче.
Во однос на временскиот опсег, колку време вакцината штити од инфекција, Филипче посочи дека од она што досега се знае, станува забор за период од 6 до 9 месеци.
-Останува да видиме како ќе се одвива степенот на имунизацијата, колкав ќе биде титарот и дали можеби ковид-19 ќе помине во форма на некаква сезонска инфекција. Досега се прилично сигурни доказите дека сосема е доволна количината на антителата од вакцината за да го заштитат лицето од инфекција.
На прашањето дали треба да се вакцинираат и луѓето кои прележале Ковид-19 и дали тоа што ја поминале болеста ги штити од повторна инфекција, Филипче потсети дека во изминатиот период гледавме многу различни сценарија во епидемиолошката,  клиничката и пост ковид слика. Во смисла на асимптоматски пациенти, пациенти со лесна клиничка слика, средна форма на болеста лица кај кои болеста завршила со летален исход.
Така што и во пост ковид, сценаријата се различни - луѓе со антитела и висок титар, понатаму пациенти со низок титар, луѓе кои прележале и имаат антитела, но повторно се заразиле. Во контекст на ова, Филипче рече и луѓето кои ја прележале болеста можат да се вакцинираат.
Филипче заклучи дека во однос на ковид-19 допрва ќе треба да учиме и анализираме, а медицинската наука ќе треба да даде одговор на уште многу прашања. рп/скс/

Остани поврзан