Филипче: Ја следиме состојбата, следната недела ќе одлучуваме дали се потребни дополнителни рестриктивни мерки
- Заклучно со почеток на следната недела ќе одлучуваме дали се потребни некакви дополнителни рестриктивни мерки или не, нагласи Филипче. Според него, граѓаните мора да ги почитуваат превентивн
Скопје, 5 март 2021 (МИА) - Согласно најавите коишто ги имаме денеска во разговорите со претставници и на Руската амбасада и на компанијата, најавата е дека руската вакцина Спутник ќе стигнат во недела со специјален транспорт, преку компанијата ДХЛ секако во соодветно пакување, ладен ланец, запазување на тие температури. Ова е вакцина која што за разлика од Фајзеровата се чува на температура од - 18 до -20 степени, за што нашата инфраструктура е спремна. По преземањето ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје. Ова вечерва го изјави министерот за здравство Венко Филипче во Дневникот на Сител.
-Соодветната административна постапка што се однесува до увозните дозволи, дозволите коишто треба да се добијат од страна на Агенцијата за лекови МАЛМЕД за да се пушти таа серија во промет веќе денеска започнаа заради тоа што дел од документите ги добивме. Така што, очекувам дека еве доколку стигне во недела какви што се најавите многу рано, на почетокот на следната недела да почне вакцинацијата и со вакцината Спутник V, рече Филипче.
Ова е вакцина која што ќе биде наменета за три илјади граѓани заради тоа што, како што рече, првата вакцина и ревакцината се практично со различен вектор, зема обврска компанијата за најмногу три недели, односно нешто порано за да може да се организира и процесот на ревакцинација стигнат и дополнителните три од ревакцините, а во меѓувреме се чекаат информации и за останатата динамика.
Министерот за здравство потсети дека овие денови почнале разговори со „Астра Зенека“ за количина од 200.000 дози и додаде оти се разговара за деталите. За кинеската вакцина, Филипче вели дека се разговара за тоа и додаде оти за тоа зема обврска кинеската страна, дека целокупната количина ќе стигне веднаш, но не наведе рок.
Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Досега околу 3.500 здравствени работници се вакцинирани со вакцината на „Фајзер“, вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека околу 120.000 граѓани досега се пријавени за вакцинација и најави дека се планира почеток на кампања.
Потврди дека изминатиот период навистина има зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи и зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Сите модуларни болници веќе се поставени. Тој нагласи дека изминативе денови имале интензивна комуникација со членовите на Комисијата за заразни болести и рече дека ги следат бројките.
-Дали овој тренд на зголемување ќе продолжи или ќе заземе некое плато, односно дали ќе биде слична слика како во ноември. Засега не е. Тогаш исполнувањето на болничките капацитети беше многу побрзо, отколку сега. Но, внимателни сме и затоа модуларната болница кај Инфективната клиника повторно е во функција, болницата Козле е исто така подготвена и ќе ја пратиме ситуацијата следните денови. Заклучно со почеток на следната недела ќе одлучуваме дали се потребни некакви дополнителни рестриктивни мерки или не, нагласи Филипче.
Според него, граѓаните мора да ги почитуваат превентивните мерки и затоа што тоа и понатаму останува еден од главните механзими во борбата против пандемијата со КОВИД-19. мд/лв/