• вторник, 24 декември 2024

Филипче: Со Ковид кризата има се поголем број жртви и на семејно насилство

Филипче: Со Ковид кризата има се поголем број жртви и на семејно насилство
Скопје, 7 декември 2020 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче на онлајн трибината  „Молкот не е решение”, организирана од Форумот на жени на СДСМ вечерва го потенцира инклузивниот пристап, мултисекторскиот пристап заради тоа што смета дека е огромен бенефит без разлика за темата за која што се зборува. Посочувајќи дека насилството врз жените, девојчињата, девојките е нешто со што како проблем се соочува секоја земја во светот и секоја една од нив пристапува согласно својот степен на развиеност, согласно културолошките карактеристики, сметам, рече тој, дека дефинитивно главна предност предничат земјите коишто имаат мултисекторски пристап. - Очигледно е дека насилството е многу застапено. Меѓутоа, во исто време е и најмалку процесуирано. Очигледно дека има предизвик во откривањето, односно пријавувањето. Законите се добри, законите се носат согласно конвенциите, согласно правилата, меѓутоа секогаш се поставува прашањето како се спроведуваат, дали можеби согласно искуствата во некој дел треба да се променат, да се надоградат итн. Битно е да се интервенира рано. Битно е да се откријат жртвите навреме, битно е да се инсистира да се дознае вистинската причина зошто жртвите се јавуваат на лекар, рече Филипче. Се соочуваме со тоа многу често жртвите да негираат, информира министерот Филипче. Многу често, како што рече, децата коишто се сведоци на такво насилство воопшто немаат ни можност да пристапат и да кажат со што се соочуваат, а знаеме дека насилството понатаму во животот креира насилници. Многу често и сведоците на насилствата па и самите жртви, посочи, и понатаму продолжуваат со насилство. - Ние во нашата земја имаме центри за третман на жртви од сексуално насилство. Со помош на УНДП, со помош на ХЕРА, понатаму со помош на нашите организации и МВР и МТСП такви три центри се воспоставени во Гинеколошко акушерската клиника во Скопје, во болницата во Тетово и во болницата во Куманово. И како се тие отворени од 2018 година се повеќе и повеќе на жртви се пријавуваат, од три во првата година се до 10-ина во 2020 година во секој од овие центри, најмногу во Скопје, говореше Филипче. Според Филипче, КОВИД кризата предизвика една многу специфична ситуација. Сведоци сме, истакна, дека има се поголем број жртви и на семејно насилство. - Податоците од Клиниката за психијатрија говорат за тоа дека бројот на пациенти коишто се јавуваат како резултат на психичка психолошка траума заради семејно насилство од почетокот на годината досега во споредба со минатата година е зголемен за 30 проценти. Затоа е битно да имаме одговор, да имаме соодветен прием на пациентите во овие центри кај што има мултисекторски пристап работат заедно медицински лица, здравствени работници, лекари, социјален работник на повик, МВР, работи полиција, обвинителство и сето тоа се процесуира согласно стандардно оперативни процедури, точно се знае како се пристапува на жртвата, како се зема материјал за форензика, како се прави анализа, како се прави превенција од можни сексуално преносливи болести, рече министерот за здравство. Главниот проблем со којшто ние се соочуваме, смета тој, е довербата. - Многу тешко е да дојде жена и да признае дека за тоа што се јавува на лекар е како резултат на насилство. Многу често лекарите се ставени во ситуација да инсистираат и да пробаат да земат што подетални анамнестички податоци за да стигнат до вистинските податоци. Се случува дури и жените да признаат па кога ќе дојде моментот дека треба да се повика полицијата тогаш повторно да се повлечат, па дури и да избегаат од болница, што значи треба да поработиме на процедурите, треба да поработиме во смисла на тоа да се променат согласно карактеристиките културолошки на населението согласно искуствата коишто досега ги имаме од сите овие центри, појаснуваше министерот Филипче. Најави дека се планира вакви центри да се отворат и во другите болници ширум државата. Кризата со КОВИД -19 многу вакви планови одложи, меѓутоа, рече, верувам дека во 2021 повторно со ваква мултисекторска соработка, поддршка од меѓународните организации ќе го продолжиме овој процес. - Законите повторно ќе кажам мислам дека се добри, мора да се осигураме дека добро функционираат. Сметам дека законите во овој дел освен што ги менуваат правилата, а мора сите заедно да работиме да ја сменат и културата таму каде што е најбитно и многу е битно со една многу интензивна комуникација да се упати порака дека жртвите не се сами и дека има каде да се јават, има кој да ги пречека, има кој соодветно да ги третира. Верувам дека со ваков еден начин ќе имаме уште повеќе резултати на ова поле, рече меѓу другото Филипче. цр/мч/  

Остани поврзан